ЧИТАЊЕ — ЛУКСУЗ КОЈ СЕКОЈ МОЖЕ ДА СИ ГО ДОЗВОЛИ

Октомври. Воздухот е исполнет со мирис на есенски ноти. Сонцето сѐ уште ги заплеткува своите зраци низ шарените лисја на дрвјата. Птиците се групираат во јата и полетуваат кон топлиот југ. Природата трепери во целиот свој сјај, накитена со величествени бои кои само таа има моќ да ги создаде.

Замисли се како седиш на дрвената клупа во паркот и ја читаш новата приказна од твојот омилен писател, додека група среќни дечиња трчаат околу тебе со весел џагор а еден црвеникаво — жолт лист ти паѓа во скутот. Или пак, во пријатно дождливо попладне, се одмораш читајќи прекрасна љубовна сага додека капките дожд вреват тропајќи на стаклото од твојот прозорец.

Сигурно многумина од вас го паметат слоганот „Читај и мисли слободно“. Но не знам колкумина го имаат сфатено сериозно. А треба. Кога би се запрашале дали Македонците се читачка нација, ќе видиме дека одговорот е навистина загрижувачки. Се разбира, доколку не ги земеме во предвид секојдневните прелистувања на Facebook и Instagram, како и статиите од типот „Новата чанта на Карлеуша“.

Ова е време кога сите се трудат да станат интелектуалци. Тоа до некаде е охрабрувачки, затоа што желбата за успех нужно ја поттикнува и обврската за читање, за информирање, истражување и надградување. А читањето, пак, го држи мозокот буден, постојано го освежува и нѐ тера на размислување, споредби, резимирања. Со континуираниот проток на информации се надградува нашиот интелект и се избиструваат нашите мисли. Колку сме поинформирани, толку повеќе умееме да го контролираме кормилото низ животниот времеплов.

Плус, имаме квалитетно потрошено време, немаме непријатни паузи од молк кога сме на прва средба со некоја личност, имаме поттикнување на креативноста и најдобро од сѐ, не ни е здодевно.

На крајот, што има подобро од мирисот на хартија и неограничената можност за режирање сценарија по сопствена мерка од содржината која ја читаме, додека етерот го исполнуваат пријатни ноти на нашата омилена музика а домот ни е потопен со вкусниот мирис на омилениот пијалок?

--

--

Здружение за книжевен развој Нов Вавилон
Здружение за книжевен развој Нов Вавилон

Written by Здружение за книжевен развој Нов Вавилон

Остварување на книжевни проекти поврзани со издавачката дејност.

No responses yet