Филип Дракалски „ЕГО“
Наскоро во издание на Здружението за книжевен развој НОВ ВАВИЛОН, Битола, влегува во печат книгата поезија „ЕГО„ на Филип Дракалски, која е воедно и добитник на ПРИЗНАНИЕ од издавачот за афирмација на македонскиот јазик и литература.
Филип е поет од Берово, кој студира на Општа медицина во Скопје.
Иако доста млад, неговата поезија се одликува со лирска зрелост и успешно доловување на човековото его како вечен виновник за љубовните болки и празнини на човечката душа. Тоа (егото) лебди насекаде во етерот, помеѓу утрото и вечерта, помеѓу нас и ѕвездите, кратките моменти и бесконечноста.
Во своите стихови, поетот е едно со саканата, но е и нераскинливо едно со своето его кое е присутно во секоја наносекунда на поетовото срцебиење.
Во продолжение следува дел од неговата поезија:
НЕКАДЕ ДАЛЕКУ ВО СВЕТОТ
Некаде далеку од светот.
Далеку од утрата,
од метежот
и од брановите на дивиот ветар.
Некаде далеку,
толку полн а празен,
не погледнувајќи го
последниот крак
на зајдисонцето,
плашејќи се
од тебе
и од душава.
Некаде далеку од светот,
каде ниту еден траг не ќе те
сокрие,
не ќе те обои,
ни ќе те прегрне,
сакајќи те
чиста како солза,
без солзи
во крупните очи,
некаде далеку
од светот,
а сепак моја.
Некаде погледни надалеку,
не ќе видиш желби безброј,
не ќе ти застане кнедла во грло,
не ќе заспиеш сама.
Некаде далеку во светот,
барајќи те наоколу,
гледајќи те
само своја,
а сепак скриена
низ ребрата
од моиве прегратки.
Некаде далеку од светот,
каде што целото
ѕвездено небо е твое.
Наше.
Некаде далеку од светот,
каде што очите твои
светат искрено,
гледајќи ме,
посакувајќи те.
Некаде далеку од светот,
каде што никој не нѐ знае.
Каде сме само ние.
Толку празни а толку целосни.
Некаде далеку во светот,
некаде далеку во себеси,
чувајќи се од дивот ветар,
посакувајќи те,
гледајќи те.
Некаде далеку од светот,
подарувајќи ти го
ѕвезденото небо,
без надежи,
без ветувања,
гледајќи те,
посакувајќи те -
некаде далеку во светот.
НЕКАДЕ ПОМЕЃУ
Не гледајќи се себеси,
налик на
скитник
те барав наоколу
мислејќи
скриена си
некаде помеѓу
ноќните
мори,
помеѓу
делот од зората,
од каде што
и обично
се раѓаа
и умираа
првите љубови,
нецелосни
а толку искрени.
Многугласието
на егото
не ми дозволува
да бегам.
Не ми дава
ден ил два,
не ми раскажува приказни,
ми ги одзема
сите надежи.
Не ми дозволува да те барам,
а барајќи те
сѐ повеќе
не можам
да те најдам.
Наоколу себеси и не постои,
чекајќи те,
толку искрено
а безвредно
барајќи те
а немајќи те
безвременски.
ЧЕКАЈЌИ ТЕ НЕКАДЕ ПОМЕЃУ
Не гледајќи го светот,
сфаќам дека твоиве
мрачни бои го обиле
не давајќи му ни грам
светлина,
ни надеж.
Недалеку од нас,
истиот свемир,
истите приказни,
истите кнедли.
Недоречени.
И сѐ ме потсеќа на тебе.
На нас.
На растурените
постели,
на недоречените
мисли,
задлабените
надежи.
Скриените погледи
само говореа
за сивилата во денешниот ден,
мислејќи на викот
што не го пуштив тој ден.
Што се заробив себеси во мене,
надевајќи се на тебе,
на нас.
Не знаејќи дека,
копнежот боли
повеќе од
чекајќи те.
Редакција на НОВ ВАВИЛОН, Битола