„ТАЈНАТА НА СИНИ ОЧИ“ на поетесата Меги Велкова, наскоро во печат!

Деновиве во издание на Здружението за книжевен развој НОВ ВАВИЛОН, Битола влегува во печат дебитантската поетска книга со наслов Тајната на сини очи од младата поетеса Меги Велкова (2001) од Кочани.

Книгата е дел од едицијата Вавилонци и во неа се поместени триесетина песни во кои претежно доминираат темите за љубовниот хедонизам и младешкиот занес; радоста и тагата; како и откривањето на себе си во светот на сонувана реалност и гола неизвесност.

„Песните се напишани во наративна форма, со јазично-стилска издржаност во оригинален и јасен поетски стил. Стиховите се прецизно определени и ослободени од пренатрупаност, од нив јасно се формираат слики што соодветствуваат на главната поетска идеја, што зборува за талентот, зрелоста и книжевниот бекграунд на овој млад автор“, информираат од издавачката куќа НОВ ВАВИЛОН, Битола.

За ова дело поетесата Велкова е носител на Признанието за афирмација на македонскиот јазик и литература што го доделува издавачот НОВ ВАВИЛОН, Битола за високи уметнички вредности во областа на пишаниот збор.

„Оваа книга поезија претставува храбар и зрел исчекор на поетесата Велкова во оваа поетска презаситеност од стихувана тавталогија и клишеа што доминираат на нашите книжевни простори. Таа на недвосмислен поетски начин го отсликува своето време на младост, љубов и потрага по смислата на постоењето. Низ перископот на сините очи поетесата не воведува во поетската приказна за љубовта со сета магија што ја носи младоста со себе, на начин што создава баладични поетски креации кои се поставени вонременски наспроти сеопштата минливост и заборав“, пишува во рецензијата писателот Никола Илијовски.

Како и кај многумина современи македонски поети, така и кај Велкова е присутен авто-биографскиот елемент како тематско-енергетски извор и патоказ низ поезијата. Можеби и не случајно тоа така вековно се преповторува, оти секој поет е поетска приказна за себе, кој катадневно ја живее својата ненапишана песна. Можеби оттаму поетите ги исфрлуваат сидрата до поетските пристаништа на непознатото.

„Во тој миг само едно посакав,
морето да ме однесе некаде далеку, многу далеку
некаде каде ќе може да ми ги излечи сите рани“

„На речиси истовиден начин, како и Екарт Тол кој во книгата „Моќта на сегашниот миг“ го потенцира фактот дека времето може да биде само сегашно и дека не постои ништо друго, поетесата Велкова го поистоветува Постоењето со магијата на сегашниот миг до последен здив. Среќата може да биде само сегашна и неодложна и поезијата видена како синоним на љубовта низ сините очи на поетесата, треба да биде гласниот мегафон во времето кој ќе не подучува и потсетува дека животот е еден, а љубовта вечна.

Во песната „Само овој миг“ поетесата се прашува како да го вратиме времето назад, во реалноста во која сите несвесно паѓаме, но можеби прашањето треба да се толкува само реторски ем поетски, оти што е поезијата, ако тоа не е одново и одново премотување на времето, напред и назад до вечноста“, ќе заклучи Илијовски.

Во продолжение објавуваме две песни кои се поместени во книгата.

ИЛУЗИИ ОД СТРАВ

Ветрот е како коњ
слушај го неговиот брз галоп
преку морето и небото.
Тој сака да ме земе, слушај
тој скита низ светот
тргнал в потрага по мене
да ме однесе многу далеку.

Дождот е како голема армија од војска
слушај ги нивните чекори како маршираат
тие сакаат да ме земат
слушај, доаѓаат кон мене
да ме одведат многу далеку.

Слушни како ветрот
галопирајќи ме повикува,
слушни како силниот дожд
марширајќи ме бара
за да ме однесе далеку кон непознато.

Засолни ме во твоите раце
само оваа ноќ
додека врне дождот.
Сокриј ме во прегратките твои
додека ветрот не стиши
не пуштај ме.

ПОСАКУВАМ ДА СУМ…

Посакувам да сум Сонце
да те греам секој ден со моите топли зраци.
Посакувам да сум секое твое утро
да се будиш со насмевка и среќен.
Посакувам да сум секоја твоја ноќ
задоволен и исполнет да потонеш во сладок сон.
Посакувам да сум ѕвезда
кога ќе паднам со брзина на светлината
и кога ќе ме здогледаш
да ти ја исполнам секоја желба.
Посакувам да сум ветер
дувајќи нежно и тивко да ги милувам твоите образи.
Посакувам да сум дожд
да накиснеш,
да се впивам во тебе со секоја капка.
Посакувам да сум пролет
да бидам твоето прво кокиче.
Посакувам да сум сенка
да чекорам заедно со тебе.
Посакувам да сум капка црвено вино
да ги опијанам усните твои.
Посакувам да сум ангел
да те гледам одблизу,
да те штитам од сите зла.
Посакувам да сум љубов
да ти се влеам во срцето
да се стуткам во него
да ти ги избришам сите немири.

РЕДАКЦИЈА НОВ ВАВИЛОН, Битола

--

--

Здружение за книжевен развој Нов Вавилон
Здружение за книжевен развој Нов Вавилон

Written by Здружение за книжевен развој Нов Вавилон

Остварување на книжевни проекти поврзани со издавачката дејност.

No responses yet