СУБЈЕКТИВНА ЛИРИКА
ПРОНИКНИ ВО СРЖТА НА ПОЕЗИЈАТА
Лириката, како едно од трите внатрешни својства на литературата (лирика, епика и драма), се дели на: субјективна, возвишена, елегиска и сатирична лирика.
Субјективна лирика:
интимна;
љубовна;
пејзажна;
патриотска;
социјална;
рефлексивна.
Интимната лирика ги опфаќа песните каде се изразуваат личните (внатрешните, интимните) доживувања на поетот. Најчести мотиви во овие песни се: љубовта, осаменоста, разочараноста од минливоста на животот (младоста) итн.
Љубовната лирика ги опфаќа песните во кои се искажуваат љубовни чувства кон спротивниот пол. Мотиви се: неостварената, недостижната љубов, платонската, овоземната, еротската љубов итн.
Пејзажната лирика опфаќа песни во кои се опишува природата. Поетот преку описот (своето видување) на природата всушност ги искажува сопствените чувства и расположенија.
Патриотската лирика ги опфаќа песните за татковината. Мотиви се: љубовта кон татковината, кон својот народ, кон минатото итн.
Социјалната лирика ги опфаќа песните во кои се изразува незадоволството од социјалната неправда (односот меѓу богатите и сиромашните). Мотиви се: маките и страдањата на сиромашните, нивниот ропски живот итн. Ваквите песни кои повикуваат на борба против угнетувачите се револуционерни.
Рефлексивната лирика ги опфаќа песните во кои се искажани размислувањата на поетот. Мотиви се: смртта, болката, смислата на животот, судбината, вербата итн.
Примери:
…ете таму барај ја љубовта.
Безсемена, самосоздадена…
никаде не е сокриена
а чека да биде пронајдена…
…во една топла квечерина
(со тивка, ноќна севдалинка,
на боемска, мекамска седенка,
со старо вино македонско)
во едни тивки шепотења,
во една длабока воздишка,
под најсветлата ѕвезда ни небесна,
која се крие засрамена
оти те гледаат очите
кои сјајот ѝ го засениле…
Соња Змејкоска
(Субјективна, интимна лирика)
КОПНЕЕЊЕ
(кога храброста не ти дозволува)
Те гледам со чемерен копнеж
а ти не насетуваш ништо.
Си го разуздала срамот
во полуосветлена соба
и со божествена сензуалност
го отпочнуваш ритуалот-
оној, во кој секоја жена,
во моменти на чувство на целост
се љуби сама со себе…
Те голтам со ширум отворени очи
а ти не насетуваш ништо.
Уживаш во допирот на твоите раце
а времето стои ли, стои,
чекајќи ја меката, свилена кожа
да се засити со мирисна крема.
Те љубам со оган на усниве жарни
а ти не насетуваш ништо.
Ти простувам што бујните, бели гради
ги згрижи во кашмир и свила
но мразам, завидно, силно мразам
што сте створени една за друга
а за мене помеѓу, нема ни малку место.
Разигрувам прсти низ гривестите ти коси
а ти не насетуваш ништо.
Не можам, и нема сам да си простам,
што сум нехрабра мала птица
скриена молкум в’ноќта
и само од далек за своја, најмила,
тебе те имам.
Соња Змејкоска
(Субјективна, љубовна лирика)
ЛЕТНИ НОЌИ
Тивки се летните ноќи,
тивки и обвиткани во ѕвезди.
Само ветерот шумоли низ дрвја
во чии крошни птица се гнезди.
Глуви се летните ноќи,
оглувени од штурчовата песна.
Само светлина бледа се точи
од зраците на месечината пресна.
Но среќни се летните ноќи,
зашто тогаш се обновува светот.
А нивната среќа е сокриена
во распуканите пупки на цветот.
Соња Змејкоска
(Субјективна, пејзажна лирика)
МОЛАМ
Дајте ми парче земја
под небото на Македонија.
Дајте ми го, ве молам, најмалото,
дајте ми го баш најкарпестото,
она скрос најјаловото,
кај што е небото најтемно,
кај што е ден и ноќ облачно.
Дај те ми го, да с’изнаживеам
богат живот благороден.
Чунки имам си очи ‘ко кладенци
а солзи што ронат и брегови.
Имам и воздишки длабоки,
силни ‘ко тајфунски ветрови
(ќе разбркам темните облаци)
Ќе с’изронат карпите грамадни,
(от’ко ќе с’испилат соколи)*
ќе посеам љубовни никулци,
ќе натокмам сончеви класови
жнеени со песни македонски.
Имам мисли разблескани,
имам си молитви челични
та на најсветлите ѕвезди ни небесни
ќе испишам слова македонски
(за народот да ни се просветли)
Оти е земјата исконска,
понизно молам, коленичам,
дајте ми ја земјата најтрула
под небото на Македонија.
Соња Змејкоска
(Субјективна, патриотска лирика)
СИВ СОНЕТ
Градот задушен в магла,
јато птици во тага…
Премрзнати луѓе — им студи…
Мостовите светат од синап,
старец на нив од инат
на зимата пркоси — пита…
Со погледот низ прозор талкам.
Потонувам, во думи се валкам…
Си велам — не е Декември баш леден
како душата на народот беден.
Се издишувам, чекајќи да снежи…
На човештвото баш супер му “лежи”
но… можда ледот е премногу топол,
за овој човечки нечовечен чопор.
Соња Змејкоска
(Субјективна, социјална/рефлексивна лирика)
ДЕТЕНЦЕТО МОЛИ БОГА
Едно дете тивко плаче,
стегајќи си кукла в раче.
На Господа му се моли
за децата боси, голи:
“Дедо Боже, дај ми сила,
од ангелче дај ми крила.
Од улици темни, влажни,
да соберам деца тажни.
Под мостови, среде зима,
сал мртвило страшно има.
Во темнина лута, клета,
на работ на двата света.
А другде пак, нема зима,
но проклета војна има.
Си немааат сонче мирно
под небово сино, ширно.
Не знам- в гради срце чука,
на чичкото што во нив пука?
Има, Дедо Боже, душа,
да му кажеш, ќе те слуша?
Ако можеш ајде оди,
мене со себе ме води.
Јас сум мало, ситно дете,
но полно со љубов, ете.
Со неа злите ќе ги допрам
и клетите ќе ги сопрам,
да не делат дете мило
од мајкино топло крило.
Да не рушат грутка родна,
да не трујат земја плодна.
Да не ништат бујни шуми,
да избришат лоши думи.
Гледам-личат на тебе, о, Боже!
Мислам в гради ти ќе можеш
милост, убост да им ставиш
и благоста да ја славиш!”
Детенце со кукле в рака,
ете само толку сака.
Исполни му желба, Боже,
најголем си, знам, ти можеш!
Соња Змејкоска
(Субјективна, социјална/рефлексивна лирика)