Романот „Спротивна од безнадежност“ од Теона Ацеска наскоро излегува од печат

Во издание на Здружението за книжевен развој НОВ ВАВИЛОН од Битола, наскоро излегува од печат деби романот од младата романсиерка Теона Ацеска од Прилеп.

Романот „Спротивна од безнадежност“ е насловот на првото книжевно остварување од младата романсиерка Теона Ацеска од Прилеп. Напишан во прво лице и замислен како дневник, овој роман ни нуди едно интересно четиво за љубовта и младешката заљубеност, идеалите и копнежите, надежите и страдањата, што во чист романтичарски дух ги отсликува тинејџерските размислувања на една млада личност. Авторката на контемплативен начин понира до длабоките тајни на сопственото битие, на начин што се открива и разоткрива пред огледа-лото на зборот, информираат од издавачката куќа.

Авторката одбирајќи го возвишениот повик на љубовта олицетворен во сагата на младоста, како универзален животен момент, интерпретира едно видување на постоењето, гледано како процес што се случува на миг, еднаш за сите времиња. Таа гради еден интимен однос со читателот, му ги открива своите најдлабоки тај-ни и планови, гласно размислува и го развива романескното дејство низ објективот на мигот предизвикувајќи ефект на мисловна тур-буленција.

Ацеска избрала несекојдневен постмодернистички начин каде да го смести романескното дејство, а притоа на Орвеловски начин да успее да го задржи раскажувачкото темпо до точка на конти-нуирана кулминација. „Спротивна од безнадежност“ е истовремено роман и авторски потпис во облик на дневник. За Ацеска дневникот е мост помеѓу авторот и светот. Таму романсиерката го создава својот слободен простор, заштитен од надворешни влијанија. Единствено под слободното небо на белата хартија помеѓу тврдите корици главниот јунак диши со полни гради. Дневникот е свет во светот, круг во кругот, каде сѐ е дозволено и сѐ допрва треба да се изгради, стори во рецензијата на писателот Никола Илијовски.

„Спротивна од безнадежност“ се вбројува во онаа категорија на кратки романи што се читаат во еден здив. Автентичниот стил на раскажување, облагороден со силни епитети и метафори ја породува изворната идеја и смисла на младешкото сфаќање на љубовта.

ТЕОНА АЦЕСКА е родена во Прилеп, 2001 година. Основно училиште завршила во О.О.У. ,,Блаже Конески” во Прилеп. Во 2014-та година се закитува со победа на ,,Конкурсот за најдобра лична творба-песна” кој го организирала градската библиотека во Прилеп во. Потоа следат уште награди и признанија од областа на јазикот (прво ги споменуваме оние од основношколскиот период) како: освоено второ место на Општинскиот натпревар за млади библиотекари одржан во Прилеп на 15.11.2015 година, понатаму освоеното прво место на поетскиот конкурс ,,Крушевската корија го чува заветот на илинденците”, одржан во Крушево на 28.9.2015. Меѓу поважните признанија е и освоеното прво место на училиштниот натпревар по македонски јазик, одржан во 2016-та. Денес, таа е ученичка во Гимназијата во Прилеп. За романот е носител на Признание за афирмација на македонскиот јазик и литература, што го доделува издавачот НОВ ВАВИЛОН за дела со трајни уметнички вредности.

РЕДАКЦИЈА НОВ ВАВИЛОН, Битола

--

--

Здружение за книжевен развој Нов Вавилон
Здружение за книжевен развој Нов Вавилон

Written by Здружение за книжевен развој Нов Вавилон

Остварување на книжевни проекти поврзани со издавачката дејност.

No responses yet