Романот „БДЕЕЊЕТО НАД СЕБЕ“ на Дијана Петрова влегува во печат!
Деновиве во издание на Здружението за книжевен развој НОВ ВАВИЛОН од Битола влегува во печат деби романот „Бдеењето над себе“ на младата романсиерка Дијана Петрова од Делчево.
Дијана Петрова е родена во Делчево, 1992 година. Дипломирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје на катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности. За овој роман е носител на Признание за афирмација на македонскиот јазик и литература од издавачот НОВ ВАВИЛОН од Битола, за трајни книжевни вредности со кои се карактеризира ова четиво.
„Бдеењето над себе е сплет од разни размислувања на главниот лик, или поточно на лирскиот субјект, на оној што за себе вели „јас“ без разлика дали употребува машка или женска форма на изразување, сплет од размислувања врзани со многу моменти, мотиви од животот, но и со самиот живот. Дијана Петрова му се препушта на сонот. Му дозволува да ја завладее, го остава спонтано да проговори како своевидна животна драма, како свет, како литература. Таа преку своето литературно бдеење нуди едно своевидно поместување на границата меѓу сонот и јавето“, пишува во рецензијата професорката Весна Мојсова — Чепишевска.
Овој роман со необична и загадочна содржина ќе претставува револуционерно откритие во областа на романсиерството за 2019 година, а и вистинска книжевна наслада за познавачите на краткиот роман, информираат од издавачката куќа НОВ ВАВИЛОН. „Дијана Петрова влегува на голема врата во светот на книжевноста. Верувам дека читателската публика брзо ќе го препознае квалитетот на овој роман, привлечен за читање и препрочитување и дека истиот наскоро ќе доживее и второ издание. Со пишувањето на Бдеењето над себе Петрова го дава својот одговор par excellence на книжевниот повик од кој бегство нема! Таа мора да ја задржи оваа романсиерска кондиција и во најскоро време да извлече од себе продолжение на „бдеечката приказна“, оти публиката тоа неминовно ќе го посака. Бдеењето над себе е роман на кој едноставно се навлекуваш и го читаш во еден здив“, изјави претседателот на издавчката куќа м-р Никола Илијовски.
„Богатата, густа, провокативна и филозофска нарација на Петрова отвора редица прашања за припадноста, за можноста човек да се одомаќини во себеси, но и во другиот, за вртоглавицата на идентитетите, за прашањето што е себство и дали со бдеејќи над себеси, бдеам и над другиот во и до мене? Потоа, каква е врската на себството со соновите и сенките; дали телата и фантомите се перпетиуираат меѓусебно и конечно, дали постои излез од бесконечното размислување кое се сведува на умор и срам?“, пишува во рецензијата професорката Јасна Котеска.
Во продолжение објавуваме фрагмент од романот:
„Човек пред да умре, последната слика, последниот момент од неговиот живот, му остануваат врежани во мрежницата од окото. Можеби, на друго место продолжува каде што овде застанал.
Не знаев дали сум умрен и сега се будам таму кај што застанав. Се сеќaвам само дека имав страшен сон и откако се разбудив, се сеќавам дека уште повеќе се исплашив кога видов темен облак како се шири надвор…
Само таа слика ми се прикажуваше пред очите, како последна слика на мртовец, врежана во мрежницата. Темен облак како се шири.
Устата ми беше подотворена кога се разбудив, како на мртва риба, чија подотвореност значеше дека уште е свежа.
„Значи не сум бил многу долго мртов“, помислив, препишувајќи ѝ ја темнината во главата само на смртта.
Тоа што сум бил умрен, па сега се будам ми предизвика олеснување. Прво, поради тоа што не почнувам повторно од бебе. Второ, што не се сеќавам на претходната старост. Најгадните работи. Двaта стадиума, де факто различни, де јуре исти. А младоста, стадиум кога во сѐ бараме незадоволство, но само со надеж дека така староста ќе ни се смили и минливоста ќе не почека.
Незадоволството го оправдуваме поради тежнеењето кон совршеноста чија замисла ја имаме некаде во глава, а кога таа ќе ни се појави неза-доволни сме оти не сме биле спремни. Целиот стадиум минува копнеејќи, потоа доаѓа староста, која не само што не успеавме да ја одложиме, не сме ни забележале кога дошла, а таа веќе почнува да нѐ казнува.“
РЕДАКЦИЈА НА НОВ ВАВИЛОН, Битола