Рате Савев — ДЕДОВИТЕ ВНУЧИЊА

Деновиве во издание на Здружението за книжевен развој НОВ ВАВИЛОН, Битола, излегува книгата поезија за деца „Дедовите внучиња“, од професорот по македонски јазик и литература Рате Савев од Македонски Брод. Книгата е дел од едицијата „Детска читанка“.

Книгата поезија „Дедовите внучиња“ е искомпонирана од вкупно триесет римувани песнички, за кои постои соодветна илустрација. Па така на младиот читател му се овозможува двојно задоволство при откривањето на убавините од ова поетско четиво: да го гледа она кое го чита или му се чита од најблиските.

„Дедовите внучиња“ содржи голема доза на музикалност и пријатна е за исчитување, не само од страна на младите читатели кои допрва се впуштаат во бој со читањето и пишувањето, туку и за возрасните кои се директно вклучени во процесот на растење, воспитување и образование на нивните деца и внуци, информираат од издавачката куќа.

Во рецензијата на писателот Никола Илијовски стои: „Авторот гради непосреден, близок однос со песната, како ѕидарот со градежот и секој стих е тула врз тула од кои се гради кулата на детските соништа. Да се пишува за децата е најблагородниот чин што може да го направи писателот во својата кариера. Да се доближи благородноста на пишаниот збор до очите и ушите на најмладите е исто како да се создал нов живот, оти поттикот на образование, доблесност и учење на вистински семејни вредности градат уште еден човек во човека. Па следствено на тоа детето ги проширува своите знаења и соништа и кај него расте желбата за откривање на нови светови и напредување во животот кој само што започнал.“

Во продолжение за читателите објавуваме две песнички од книгата.

КРИЕНИЦА

Броиме,
еден, два, три
Мила се скри.
Четири, пет
Андреј е во лет,
Мила ја бара
со баба се скара.
Шест, седум, осум, девет
Андреј се скри зад кревет.
Мила почна да си пее,
Андреј тивко да се смее.
Миженица, криеница
не завршува на десет
играта трае цел месец.

СНЕШКО

Дедо и Мила направија Снешко
и го нарекоа Смешко.
Зошто?
Му ставија капа од дедо Мраз,
долги рачиња од праз,
носе од пиперка црвена,
и уста со цуцла дрвена.

Го исправија пред гаража,
да чува зимска стража.
Кога го виде мама,
силно се смееше сама.
Застана пред него
и си рече:
“И во многу сказни
со ликови разни
нема ваков Снешко
кој се вика Смешко.“

Рате Савев е роден 1951 година во село Сопот. (Свети Николе). Работел за НИП Нова Македонија и други дневни и периоднички весници и списанија во Републиката, додека најголемиот дел од својата професионална кариера ја поминал како професор по македонски јазик и литература во Гимназијата „Св. Наум Охридски“ во Македонски Брод. Активно со своите ученици учествувал на државни натпревари по македонски јазик и литература, каде што забележал солидни успеси. Добитник е на наградата 7-ми Септември што ја доделува општината М.Брод и на други награди и признанија. Автор е на книгата поезија „Подземна тишина“, посветена на пештерите во поречието.

РЕДАКЦИЈА НА НОВ ВАВИЛОН, Битола

--

--

Здружение за книжевен развој Нов Вавилон
Здружение за книжевен развој Нов Вавилон

Written by Здружение за книжевен развој Нов Вавилон

Остварување на книжевни проекти поврзани со издавачката дејност.

No responses yet