ПРОМОЦИЈА НА РОМАНОТ „Пајажина од тајни“ од Ивана Балтовска
Во организација на Здружението за книжевен развој НОВ ВАВИЛОН од Битола, на 20.04.2019 г. (Сабота) со почеток од 19,00 часот во Центарот за култура — Битола, мала сала, ќе се одржи промоција на крими-романот „Пајажина од тајни“ од романсиерката Ивана Балтовска од Битола.
Промотор на романот ќе биде Адвокатот Никола Илијовски од Битола, а извадоци ќе читаат Христина Костовска и Андреа Наковска, ученици во Гимназијата „Јосип Броз Тито“ — Битола, под менторство на Даниела Петровска, професор по македонски јазик и литература.
Романот „Пајажина од тајни“ од младата романсиерка Ивана Балтовска од Битола претставува криминалистичко-психолошки трилер со филозофско-правен бекграунд, обработен во две времиња: минато и сегашност, со силна композициска идеја и повеќеслојна приказна во која низ ликот на главните протагонисти се рефлектирани клучни психолошки сегменти на општественото живеење со сите негови социјални компоненти. На недвосмислен начин ова дело го одбележува своето време, кое исткаено во постмодернистички дух нуди на сцената четиво што не смее да го одмине читателската публика, а ниту пак литературната критика. Авторката во нејзин оригинален стил создала автентична приказна и ја исплетила оваа „Пајажина од тајни“, па тука веднаш ни се наметнува мислењето: ако во минатото литературните критичари пишувањето го споредуваа со сликарството, овој роман во секој поглед ја наметнува парадигмата пишувањето да биде налик на плетењето, заплеткувањето и конечно: заловување на вистината во мрежата или пајажината, исплетена од перото на писателот. Оти што е писателот, ако тој не е трагач по вистината: сопствената или стварната; туѓата или измислената — вечно повикан да брани и обвинува, толкувајќи се себе си да го толкува светот, ќе запише во рецензијата Адвокатот Никола Илијовски.
Ивана Балтовска е родена во Битола, 1997 година. Таа е студент на постдипломски студии, насока: кривично право на Правниот Факултет ,,Јустинијан Први“ — Скопје. Активно зборува англиски, германски и шпански јазик. Го уредува блогот: http://lanuevaaa.blogspot.com/ — книжевно катче каде најпрво ги објавува своите текстови. Автор е на книгата раскази „Неискажаните зборови” (2018), за која е добитник на наградата Книжевни меридијани. За романот „Пајажина од тајни“ е носител на Признание за афримација на македонскиот јазик и литература од издавачот НОВ ВАВИЛОН од Битола.
Во пресрет на промоцијата објавуваме фрагмент од романот:
„Дождот удираше по прозорците, како да сакаше умислено да ги искрши и распарчи. Облаците беа толку темни, како темнината која надвиснуваше над него. Црни како неговите мисли и неговиот живот. Се соживуваше со таквото време, бидејќи само тогаш се чувствуваше како во своја кожа. Тогаш неговото вечно намуртено и мрачно лице одговараше со времето и временските услови. Дождот некогаш удира разорно, без цел, бидејќи е природна појава и не е свесен дали некому може да нанесе штета или не. Не се запрашува себеси дали утре ќе настане поплава и притоа многу луѓе ќе се удават. Врне и толку. Не е важно зошто, ни колку, ни во колкава мера. Битно е да дејствува.
Така беше и со него. Отсекогаш бил поразличен. Никогаш не сакаше или барем не проба да се вклопи во животот кој се одвива пред неговите очи. За него сѐ беше несфатливо, глупаво, чудно. Трагаше по совршенство. Беше идеалист, но идеалист без граници, идеалист кој се приближува повеќе до лудило отколку до својот идеал. Идеалист далеку од своите идеали. Не излегуваше често и никогаш не ги посетуваше стандардните места за излегување како што правеа неговите врсници. За него тоа беше обично клише. Сакаше да ги сруши клишеата не гледајќи ги последиците од тоа. Се држеше секогаш до добро познатата „Целта ги оправдува средствата“ од Макијавели. Се држеше за тој став со сите свои сили и беше спремен да дојде до целта, макар притоа морал да убие. Сакаше да ги прегазува луѓето не грижејќи се дали ќе нанесе штета или не. Беше себично, безгрижливо суштество без никакво сочувство за другите, ниту желба за помош. Беше егоист, немаше ништо алтруистичко во него. Мораше да стигне до врвот, до злобниот врв и покрај тоа што знаеше дека качувајќи се нагоре и туркајќи ги камењата за кои се придржува, ги убива сите што се зад него и ги срамнува со земјата. Баш затоа се соживуваше со бурата која беснееше над-вор.
Седна до прозорецот, отворајќи го. Извади цигара од сво-јата кутија, тргна од неа и го испушташе чадот пополека, во мали кругови. Единственото нешто кое го смируваше, единствениот вистински пријател кој секогаш беше тука за него, никогаш не префрлувајќи му за ништо. Само на таа цигара која страстно ја пушеше не можеше никогаш да ѝ одолее и да ѝ се налути. Само од неа не можеше да се откаже, како што се откажа од сѐ друго.“
Присутните ќе имаат можност да се запознаат со активностите на Здружението НОВ ВАВИЛОН, Битола и да добијат потпишан примерок од авторот.
Ве очекуваме…
РЕДАКЦИЈА НОВ ВАВИЛОН, Битола