Промоција на поетските книги: „Подземна тишина“ и „Дедовите внучиња“ од Рате Савев

На 26.09.2020 (Сабота) со почеток од 12,00 часот во ресторанот „Чардак“ (Летна тераса) во Македонски Брод ќе се одржи промоција на поетските книги „Подземна тишина“ и „Дедовите внучиња“ од професорот по македонски јазик Рате Савев од Македонски Брод.

„Подземна тишина“ е книга поезија која е посветена на пештерите во поречкиот регион. Во поезијата на Савев, пештерите го симболизираат вечното, неминливото, бескрајното, легендарното, но и недопрениот вкус на традицијата и фолклорот што како издлабен потпис во камен, верно го чуваат до крајот на времето. Пештерите се магични сами по себе и тие го хипнотизираат поетот и го намамуваат да продолжи понатаму во длабочините, во нивното повторно откривање, да стане сојузник во нивното подземно тихување. Ова дело е поддржано од Министерството за култура на Р. С. Македонија, а рецензиите за истото ги потпишуваат д-р Билјана Гичевски и м-р Никола Илијовски.

„Дедовите внучиња“ е книгата поезија што претставува поетска читанка за најмладите, а воедно и прва алатка за осознавање на зборовите, детските игри, непосредното опкружување и убавините на животот воопшто. Во книгата се поместени 30 (триесет) песни за кои постои соодветна илустрација. Книгата содржи голема доза на музикалност и пријатна е за исчитување, не само од страна на младите читатели кои допрва се впуштаат во бој со читањето и пишувањето, туку и за возрасните кои се директно вклучени во процесот на растење, воспитување и образование на нивните деца и внуци.

Двете книги се во издание на Здружението за книжевен развој НОВ ВАВИЛОН од Битола и за нив ќе зборува претседателот на издавачката куќа — м-р Никола Илијовски од Битола.

Рате Савев е роден 1951 година во село Сопот. (Свети Николе). Работел за НИП Нова Македонија и други дневни и периоднички весници и списанија во Републиката, додека најголемиот дел од својата професионална кариера ја поминал како професор по македонски јазик и литература во Гимназијата „Св. Наум Охридски“ во Македонски Брод. Активно со своите ученици учествувал на државни натпревари по македонски јазик и литература, каде што забележал солидни успеси. Добитник е на наградата 7-ми Септември што ја доделува општината М.Брод и на други награди и признанија. Автор е на книгата поезија „Подземна тишина“, посветена на пештерите во поречието.

РЕДАКЦИЈА НА НОВ ВАВИЛОН, Битола

--

--

Здружение за книжевен развој Нов Вавилон
Здружение за книжевен развој Нов Вавилон

Written by Здружение за книжевен развој Нов Вавилон

Остварување на книжевни проекти поврзани со издавачката дејност.

No responses yet