Промоција на книгата „Лавиринт на младоста“ од Елена Ангелеска

Вечерва, со почеток од 19,00 часот во просториите на Библиотеката ЈОУ „Борка Талески“ во Прилеп, ќе се одржи промоција на книгата поезија „Лавиринт на младоста“ од потесата Елена Ангелеска од Прилеп.

Книгата е дел од едицијата Вавилонци и е во издание на Здружението за книжевен развој НОВ ВАВИЛОН од Битола.

Промотори на книгата се: претседателот на НОВ ВАВИЛОН, м-р Никола Илијовски и Стефани Видеска, професор по македонски јазик и литература во Гимназијата „Мирче Ацев“ во Прилеп.

Стихови ќе читаат: Душица Тодороска, Димитар Цветаноски, Давор Аврамоски, Стефани Мирческа и Христијан Тунески.

Поезијата на Ангелеска се карактеризира со јасен и плодоносен стих и освојува уште на прв поглед. Таа е поетскиот глас на младината што не потсетува на заборавената естетика на постоењето за која младоста сонува.

Лавиринтот на Ангелеска почнува и завршува со љубовната лирика, како пролог и епилог на младоста во која се соединуваат минатото и иднината, времето и вечноста.

Ако претпоставиме дека љубовта е клопчето на митската принцеза Аријадна, тогаш читателот нека биде во улогата на јунакот Тезеј, па ни преостанува само да заталкаме во минатото и да се пронајдеме во иднината за да откриеме што ни крие овој лавиринт на младоста, стои во рецензијата на поетот Никола Илијовски.

Елена Ангелеска е родена во Прилеп, 2000 година. Основно образование завршила во ООУ „Гоце Делчев“, а средно во Гиманзијата „Мирче Ацев“ во Прилеп. Одлично зборува англиски и германски јазик. Носител е на повеќе дипломи и признанија. За книгата „Лавиринт на младоста“, во категоријата млади автори е носител на Признание за афирмација на македонскиот јазик и литература, што го доделува издавачот за дела со трајни уметнички вредности.

РЕДАКЦИЈА НОВ ВАВИЛОН, Битола

--

--

Здружение за книжевен развој Нов Вавилон
Здружение за книжевен развој Нов Вавилон

Written by Здружение за книжевен развој Нов Вавилон

Остварување на книжевни проекти поврзани со издавачката дејност.

No responses yet