Промовирана книгата поезија „АПЕЈРОН II“ од Михаил Куртески

Вчеравечер во просториите на уметничката галерија „Никола Мартиноски“ во Крушево, беше промовирана книгата поезија „Апејрон II“ од поетот Михаил Куртески. Книгата е во издание на Здружението за книжевен развој НОВ ВАВИЛОН од Битола и е носител на ПРИЗНАНИЕ за афирмација на македонскиот јазик и литература, кое му беше доделено на авторот за време на промоцијата.

Промоцијата ја отвори директорот на галеријата Г-дин Зоран Богески, додека за книгата говореше претседателот на издавачката куќа НОВ ВАВИЛОН, м-р Никола Илијовски. На крајот авторот изложи кратко експозе за книгата и ги поздрави присутните слушатели.

Во продолжение ја споделуваме промотивната реч на рецензентот Никола Илијовски:

„Добравечер почитувани љубители на книжевната мисла, драги крушевчани, драги пријатели на поетот Михаил, дозволете ми најпрво од името на Здружението за книжевен развој НОВ ВАВИЛОН од Битола, да ви посакам добредојде на денешната промоција на второто продолжение од поетското патешествие на Михаил Куртески, насловено како АПЕЈРОН II, потоа да Ви пренесам поздрави од Битола и Битолските поети, а воедно и да го изразам моето задоволство што оваа вечер сум тука, во Галеријата на големиот Мартиноски, што ме прави да се чувствувам привилегиран и да не посакам да сум на некое друго место.

Недвосмислено ја зедов задачата да бидам рецензент и промотор на ова дело и тоа од неколку причини. Прво, во нашата земја ретки се поетските дела со оригинерна филозофска содржина, второ не секој поет се поистоветува со напишаното зад него, т.е. постои во дослух со својата поезија и трето фактот што содржински оваа книга се издвојува од мноштвото читататели и припаѓа на малкумината избрани читатели од авторот, трагачи по себството, бескрајното, недопирливото.

Постојат бројни дефинирања што е тоа филозофијата, филозофирање-то и што претставуваат филозофите. Каков обликот ќе има филозо-фијата, тоа зависи од оној кој филозофира, во конкретниот случај тој е поетски. Теодор Адорно ќе посочи: „филозофирањето е пермаментен, очајнички напор да се каже она што всушност не може да се каже и дека не може да се молчи за она за што не може да се зборува“. Оваа теза мистериознo се провлекува во делото на Михаил на субјективен, автентичен начин, првенствено како филозофски одек кон самиот себе си, а потоа и како истрел кон светот. „Апејрон II“ од Михаил Куртески претставува филозофско-поетско дело, креирано од четириесет и девет песни, кои се распределени во пет поетски циклуси. Ќе забележиме интересни наслови и кованици од зборови, нетипични и надвор од секоја помисла, ќе се впуштиме во лавиринтите на поетскиот ум и ќе пуштиме свое клопче за да не се загубиме, но она што можам да Ви го гарантирам е дека нема да разберете се и тоа ќе биде во ред. Големиот германскиот филозоф Хегел, на крајот на својот живот изјавил дека постоел само еден единствен човек кој го разбирал неговото учење, а всушност не го сфатил, а тој човек бил самиот Хегел. Но, она што воодушевува и не поттикнува да одиме чекор подалеку е да создаваме свои нови светови додека ги исчитуваме стиховите на Апејронот.

Поимот на Апејронот го создава еден од првите старогрчки филозофи Анаксимандер, кој е всушност и првиот филозоф-метафизичар во буквална смисла на зборот. Во времето кога првите филозофи инспирирани од старите источни учења, се обидувале да го дефинираат светот и неговите почетоци, Анаксимандер ги поставил своите теоретски темели на она што го симболизирало неограниченото и бесконечноста, бидејќи БИТИЕТО мора да биде бесконечно за да не биде исцрпено во создавањето, односно тоа не смее да има почеток и крај во времето и просторот. Поведен од овие универзални идеи кои секогаш ќе имаат длабоко значење додека постои светот и човештвото, Михаил Куртески преку поетски исчекор ги поместува границите на биднината и небиднината, на сонот и будноста. Неговото обраќање е универзално и истовремено релативно, бидејќи е ирелевантно кое време е сега, каде се наоѓаме, што сме, кои сме, каде одиме.

„Кажи каде си, кажи кој те сокри./Во кои ѕидови и железни порти./Дај да сонувам, не живеам буден./Животот без тебе, до болка е студен.“

Поезијата на Куртески нѐ подучува, нѐ охрабрува, нѐ води до некои други чудесни простори на свеста и во голема мера наликува и се надоврзува со идеолошката поставеност на поетиката и прозата на нашиот Влада Урошевиќ.

„Напиши си песна што е смела ко река./ Што ќе пие извори од мислата свежа,/ Ќе зазема ставови и ќе се бори со свеста./ Низ градовите преполни што ќе ја голтаат неа.“

Песната е архето т.е. почетокот, песната е апејронот, неопределена и бесконечна. Нашиот живот е таа песна за мразот и огнот, според зборовите на популарниот Џорџ Р. Мартин.

Книгата поезија „АПЕЈРОН II“ на книжевната сцена донесува оригинерна филозофско поетска мисла од која извира егзистенција и есенција, светлина и темнина, сон и потсвест, оган и јаве. А нема да биде пренагласено и ако се рече дека делото е испишано во прогресивен индивидуалистички дух. Имено, поетот со немерливата слобода на стихот го исцртувал и обојувал својот свет на разнобојни вистини, оти безмалку ќе биде погрешна нашата претпоставка ако не подвлечеме дека авторот на песните е иден Професор по филозофија, па по силата на професионалното убедување е и заљубеник во вечната потрага по смислата на постоењето и убавината на световното кое е де факто гледано со филозофски очи, па тогаш што ќе претставува неговата поезија, ако тоа не е одек во себеси во просторот: архе, подгревано со огнот на вечната младост.

„Измисли си радост/Што е плодна од младост/Фениксот што ќе го топи./ Изнајди строфа/Што е полна со оган/Просторот што ќе го топли.“

На автентичен начин, заснован на универзални филозофско-космолошки постулати, поетот Михаил Куртески ја обликува поетската мисла со орудието на првата, гледано историски, европска филозофска идеја, или ако со внимание ги следиме зборовите на Ниче: дека вистинските филозофи се оние од претсократовскиот период, тогаш ќе ни биде јасно дека од калибарот на овој АПЕЈРОН се испукува поетика за избрани очи и уши. Овој талентиран македонски поет ја пронаоѓа својата вечна поетска инспирација, во космолошките дамари на стара Јонија (денес Мала Азија), низ учењата на првите филозофи: Талес, Анаксимандер, Анаксимен, Хераклит, Питагора и други, т.е. во просторите каде отсекогаш имало силен мирис на филозофија, кој на чудесен начин се одржува два и пол милениуми до денешен ден. Не само како пријател на мудроста (според зборовите на Питагора), туку и како продолжувач на изворната световна идеја, низ дурбинот на поезијата, Куртески на автохтон начин ги обработува темите на неопределеното и бескрајното како поетична дедукција што од себе ги издвојува четирите основни елементи: воздух, оган, вода и земја, што Анаксимандар ги земал како праоснова на сѐ. Според еден од нашите први македонски филозофи Јонче Јосифовски, јонските филозофи „сакале да разберат во што се состои единството на многуобразните појави на светот, што е праизворот и прапричината од која никнува сѐ она што нѐ опкружува: ѕвездите на небото, стварите, растенијата и животните на земјата и во морето, кон кои спаѓа и човекот, сѐ што постои на светов и во што по извесно време се враќа“.

Паралелно на тоа Куртески како главен јунак во театарот на животот, создава интересни поетски дилеми и кованици (Створец, Себевид) од кои ги извлекува своите етиолошки модалитети. Оди чекор подалеку гледајќи го просторот како архе, каде светот создава дилема, создавајќи се од ништото: ex nihilo nihil fit, низ познатата експресија на Парменид. Во „Апејрон II“ филозофските дилеми се приближуваат и се судираат како галаксии што неминовно се осудени на тоа. И поетот можеби најмногу наликува на пророк, како измислениот или вистински, сеедно Калахант, па да прорекне како може да се освои Троја, ако ја сфатиме како синоним за вечна желба на освојувачите, па поетот итро да каже: Напиши си песна живот што ќе значи.

Во „Критика на чистиот ум“, Кант ќе забележи: „Во еден вид од своето познание човечкиот ум има чудна судбина: што го тревожат прашања на кои не може да не се одѕве зашто му ги поставува самата природа на умот, но сепак кои тој не може да ги реши, зашто тие ја надминуваат моќта на човечкиот ум“.

Во истовидни ситуации запаѓа и секој поет, филозоф и мислител кој ревносно се бори со себе, за да ги помести чекор подалеку епистемолошките граници. Дали во тој контекст Куртески ќе испее дека: Ова не е мое време…

РЕДАКЦИЈА НОВ ВАВИЛОН, Битола

--

--

Здружение за книжевен развој Нов Вавилон
Здружение за книжевен развој Нов Вавилон

Written by Здружение за книжевен развој Нов Вавилон

Остварување на книжевни проекти поврзани со издавачката дејност.

No responses yet