ПОЕЗИЈАТА НА МАРИЈА СТОЈЧЕВСКА
Неодамна во издание на Здружението за книжевен развој НОВ ВАВИЛОН од Битола, излезе книгата поезија „Магичен спој“ од поетесата Марија Стојчевска од Скопје, што е нејзино прво поетско претставување на книжевната сцена во Р. Македонија. Книгата содржи три циклуси во кои се поместени четириесет песни. Стојчевска дипломирала на педагошкиот факултет во Битола. Живее и работи како одделенски наставник во Скопје. Во продолжение објавуваме четири нејзини песни:
МАГИЧЕН СПОЈ
Трепери душата од магијата на слободата
и ни дава крилја да летаме
во царството на можностите,
да ги исправиме
патеките кои ги изодивме
а недоволно ги проучивме,
да ги истражиме терените
кои нѐ престигнаа во времето
кога нашиот правец
беше упатен во друга насока.
Трепери душата од магијата на слободата
која нуди можности
да ги составиме деловите
помеѓу времињата
кои ни припаѓаат само нас
и создаваат магичен спој
во мозаикот на нашата авантура.
ИДНИ МОСТОВИ
Во бескрајниот полигон на животот
ние сме вечни патници
кои трагаат по ново откритие,
разбранувани со нашите умови
безрезервно ги рушиме бариерите
заробени во канџите на непознатото
и талкаме со немирни умови.
Во кругот на нашето постоење
ние сме ловци на нови инспирации,
жедни за нови богатства
скокаме во разни неизвесности
вгнездени со немирни умови
градиме идни мостови.
БРАНОВИ НА ЗАБОРАВОТ
Заборавена во аголот
со прашина покриена,
те пронајдов заробена
во замката на времето,
растргната во заборавот
потоната во спомените
те држев цврсто
неразделно од мене
и нестрпливо
ги вртев страниците
со избледени букви
врз кои времето го остави својот траг
и се засолни во тебе,
а стиховите горделиво
не се покорија,
останаа нескршливи
да ја носат истата мудрост
и го нудат своето знаење
кое храбро се избори
со брановите на заборавот.
НЕПОЗНАТА ДИМЕНЗИЈА
Натежнуваат темни облаци
и кога го посакуваш сонцето,
дува ветерот
и кога ја сакаш оазата на мирот,
паѓа дождот
и кога го посакуваш снегот,
се насмевнува иронично лагата
и кога ја посакуваш вистината.
Паѓа мракот на ноќта
за да ја покани светлината на денот,
а секоја има извонредна убавина.
Нашите сегашни патишта
водат кон една непозната димензија
која нѐ наградува за храброста
и мудроста кои царуваат со нас
во решавањето на загатките
кои како искри летаат
од разгорениот оган
на нашето постоење.
Редакција на НОВ ВАВИЛОН — Битола