„ПАЈАЖИНА ОД ТАЈНИ“ од Ивана Балтовска

Наскоро излегува од печат романот „Пајажина од тајни“ од младата писателка Ивана Балтовска од Битола. Романот е во издание на Здружението за книжевен развој НОВ ВАВИЛОН од Битола.

Во продолжение ја објавуваме рецензијата за романот.

НЕГАЦИЈА НА НЕГАЦИЈАТА

(Кон романот „Пајажина од тајни“ од Ивана Балтовска)

1.

Романот „Пајажина од тајни“ од младата романсиерка Ивана Балтовска од Битола претставува криминалистичко-психолошки трилер со филозофско-правен бекграунд, обработен во две времиња: минато и сегашност, со силна композициска идеја и повеќеслојна приказна во која низ ликот на главните протагонисти се рефлектирани клучни психолошки сегменти на општественото живеење со сите негови социјални компоненти. На недвосмислен начин ова дело го одбележува своето време, кое исткаено во постмодернистички дух нуди на сцената четиво што не смее да го одмине читателската публика, а ниту пак литературната критика. Авторката во нејзин оригинален стил создала автентична приказна и ја исплетила оваа „Пајажина од тајни“, па тука веднаш ни се наметнува мислењето: ако во минатото литературните критичари пишувањето го споредуваа со сликарството, овој роман во секој поглед ја наметнува парадигмата пишувањето да биде налик на плетењето, заплеткувањето и конечно: заловување на вистината во мрежата или пајажината, исплетена од перото на писателот. Оти што е писателот, ако тој не е трагач по вистината: сопствената или стварната; туѓата или измислената — вечно повикан да брани и обвинува, толкувајќи се себе си да го толкува светот.

2.

Преку пројавата на оваа млада писателка на нашата книжевна сцена, со веќе определен пат во прозните води, сега во фаза на успешно книжевно зреење, пред сѐ се добива освежување на литературата во областа на прозните дела во нашиот град Битола, каде повеќе доминираат поетите наспроти прозаистите. А истовремено се обогатува скромната библиотека на млади надежни писатели чии што први романсиерски обиди влегуваат на голема врата во македонската литература на млади творци. Балтовска создала сложена трилер — приказна, интересна и привлечна за прочит, која тематски и стилски успешно ја втемелува на сегашноста, при што овој роман може филмски да се доживее низ очите на читателот како добра крими-драма, крими-трилер.

„Пајажина од тајни“ е прво романескно остварување на авторот, а второ прозно пробивање[1] на книжевната сцена во Републиката. Ивана Балтовска е студент на Правен факултет, насока: кривично право и несомнено како што било и е случај кај мнозина писатели, по вокација правници, изборот на професијата на креативен начин го трасира и инспирира нејзиниот пат во книжевноста. Романот со опфат од речиси 300 страници содржи 56 глави и 20 паралелни „патувачки записи“ низ времето (испишани во italic фонт) кои обработуваат еден период од 1993 до 1998 година и го доразјаснуваат, дорастајнуваат ова четиво. Додека изборот на насловот „Пајажина од тајни“ кој е сам по себе привлечен на прв поглед и веднаш отвора врати на љубопитност, е во дослух со содржината на приказната и конечниот триумф на откривање на вистината.

Со пишувањето на овој роман, Балтовска не направила само обид за зачекорување во романсиерските води, туку и длабоко запловила во нив. Зошто тоа е така?! Затоа што четивото пред сѐ богато со длабоки филозофско-правни вистини, изградено е врз база на силна композициска поставеност, авторот не се потпирал само на својата имагинација, туку и ја истражувал проблематиката што има намера да ја обработува и ја поткрепил со факти. Оформеноста на карактерот на ликовите е солидна, кај секој од ликовите се издвоени битните обележја по кои можеме да ги препознаваме и мисловно да ги обработуваме додека читаме. Секое поглавје е студиозно изработено и целокупното романескно дејство кореспондира со идејата и пораката на романот, што сѐ земено во предвид го облагородува ова дело и го издигнува во успешна тематска целина на која ништо не може да му се додаде ниту пак одземе. Со други зборови кажано, Балтовска уште на почетокот знаела што сака да напише и што да постигне со напишаното; како нештата треба да почнат и како да завршат. Овој роман како да е веќе еднаш доживеан и напишан во главата на писателот, пред таа да се впушти во неговото создавање, во писмено крунисување на романсиерската идеја. По прочитот на она што го напишала можеме да заклучиме дека таа е тип на автор кој секаде ја носи книжевноста со себе, автобиографскиот елемент е сеприсутен низ страниците, на начин што мислата на писателот се рефлектира низ многубројните варијации на осмислените судбини што ги носат на товар ликовите, градејќи реална социо-правна приказна (што можеби и сега се случува во нашето соседство) на која секогаш институционално треба сериозно да му се пристапи.

3.

Низ страниците на ова обемно четиво запловуваме преку главниот протагонист Лусија, лика и прилика на млад амбициозен интелектуалец што со своето постоење го прославува животот. Лусија е асистент по филозофија, писател, идеалист и романтичар кој во себе го носи знаењето и мудроста, а истовремено е и единствениот позитивен лик во романот и антипод на сѐ што е погрешно и порочно. Преку овој лик читателот најповеќе ќе комуницира со авторот на напишаните редови, ќе води тивок замислен дијалог и од неа ќе ги бара скриените одговори. Не случајно, во Лусија го идентификуваме самиот автор кој со моќта на перото и мастилото ја води играта од сенка. Изборот на нејзината професија воопшто не е случаен. Балтовска избрала силно оружје, науката за мудроста — филозофијата да биде главниот фундамент, но и личен став што ќе се фати во костец во одгатнувањето на кривично-правните вистини — тајни во романот кои навистина како да се заплеткани во пајажина и треба концентрирано да се издржи додека се патува низ него до нивното конечно отплеткување. Наспроти Лусија се среќаваме и со другите книжевни ликови: Макс и неговите родители Фросина и Јован, библиотекарот Андреј и неговото семејство, како и неговиот брат Димитар и другите споредни ликови, кои сите заедно ја сочинуваат пајажината од тајни во која се исплетени човечките судбини, предмет на овој роман.

Мостот на филозофијата во романот се потпира на три филозофски столбови: филозофијата на идеализмот (Платон), филозофијата на песимизмот (Шопенхауер) и крајно филозофијата на правото (Хегел). Следствено на ова се градат и понатамошните дејствија, на почетокот нѐ демнат сенки и лаги бидејќи сѐ уште сме свртени кон дното на пештерата (Платон) и пласираните информации ги гледаме привидно и несовршено, но доволно за да се поттикне сомнеж што ќе нѐ одведе до вистинскиот свет на идеите. Авторот во одложени интервали нѐ воведува во приказната, на начин што постепено создава книжевен мозаик во кој се обединуваат причините и последиците низ времињата што биле и оние што треба да дојдат. Тука се судираат страдањата по загубената љубов и страдањата по загубените животи со кои си поиграла судбината и романот добива на повеќезначност. Или кажано со зборовите на Шопенхауер: Судбината ги меша картите, а ние играме. На крајот на сторените грешки им се одмерува правдата како апсолут, како негација на негацијата т.е. преку извршување на одмерената казна кон сторителот на негативното дејствие: убиство.

4.

Во современата правна теорија се забележани бројни стојалишта што го обработуваат најтешкото кривично дело: убиството. При толкувањето на убиството секогаш се врзуваат психолошките особености на жртвата и сторителот, природата на нивниот меѓусебен однос, социо-економските услови во кои живеат двете страни, степенот на образованост, но и генетската конструкција на личноста кои претставуваат примарни фактори за да се создаде една филозофско-правна анамнеза со која ќе се даде објаснување на критичниот случај. Во најнепредвидливите ситуации забележани во правната пракса создавањето на мотивот за извршување на кривично дело, односно добивањето улога жртва, може да биде дело на несреќната случајност: човек да се најде на погрешно место во погрешно време. Колку треба да се има среќа т.е. несреќа за да се влезе во тој маѓепсан круг на просторно-временска општествена грешка. Дали општеството поседува лек против бескрајот на криминални умови и веројатноста да се биде неизбежна последица на причина во оптек. Во тој контекст Балтовска обработува две тешки меѓусебно поврзани ситуации. Во првата ситуација потенцијалниот убиец (Димитар) е затекнат од сведок (Фросина) во вршење на кривично дело Силување врз лице кое случајно се нашло на критичното место и како резултат на длабока душевна тага умира. Во втората ситуација вршителот на претходното кривично дело иако претходно немал ниту намера ниту план да го изврши најтешкото кривично дело убиство, сега кај него се раѓа мотив за да го прикрие единствениот доказ што му стои на патот во страв да се соочи со правдата и без двоумење се пресметува со сведокот (Фросина) и го врши убиството. Но, за пајажината да биде уште позаплеткана и во оваа втора ситуација постои сведок (Андреј) кој е брат на убиецот и има причини да молчи пред оној (Макс) што ни во најлудите соништа не смее.

Конструирањето на овој заплет, како од книжевен така и од правен аспект е интересен пример на отсликување на еден од најголемите правни парадокси со кој се доловува моќта на просторот и времето наспроти непредвидливоста на случајноста чија што невидлива рака ги моделира причинско-последичните врски под капата небеска.

5.

„Пајажина од тајни“ во голема мера потсетува и на безвремените романи на Агата Кристи. Поставеноста на заплетот и трагичните факти во кругот на луѓе кои се познаваат добро меѓу себе и ситуационо се поврзани во подолг временски период одлично го интерпретира односот помеѓу желбите и дозволеното во општеството. Единствено недостасува будното око на детективот Поаро кој на крајот треба да ја открие и сподели вистината. Но, затоа таа улога му припадна на читателот кој ќе има за задача да ја отплеткува оваа пајажина од тајни до нејзино целосно растајнување.

Со доаѓањето на книжевната сцена на овој роман за млади и возрасни се отвора патот кон создавањето на крими-романите во македонската литература кои се вистинска реткост, а отсекогаш постоел интерес за нивен прочит, па веруваме дека на овој роман нема да му треба долго време за да ги пронајде своите вистински читатели.

м-р Никола ИЛИЈОВСКИ

[1] Претходно ја објавила книгата раскази „Неискажаните зборови“ (2018)

--

--

Здружение за книжевен развој Нов Вавилон
Здружение за книжевен развој Нов Вавилон

Written by Здружение за книжевен развој Нов Вавилон

Остварување на книжевни проекти поврзани со издавачката дејност.

No responses yet