Наскоро излегува од печат книгата поезија „ЈАС СУМ СОН“од Стефан Јовески
Во издание на Здружението за книжевен развој НОВ ВАВИЛОН од Битола, како дел од едицијата Вавилонци, излегува од печат дебитантската книга поезија од младиот поет Стефан Јовески од Скопје.
Со книгата поезија „Јас сум сон“, младиот поет Стефан Јовески, зачекорува на голема врата во светот на македонската книжевност и на сцена ни донесува една од неисцрпните и најомилените теми на поетите во историјата на поезијата воопшто. Имено, станува збор за мистеријата на сонот и сѐ она што сонувањето може да му го понуди на човекот, како животна наслада или бегство во некои други светови што на безброј начини можат да се создаваат и исчезнуваат во бунарот на потсвеста. Составена од 23 песни богати со субјективен мистицизам, оваа книга на сцената нуди една револуционерна поетска ориентација што на автентичен начин го наметнува надреалистичкото поимање на светот, информираат од издавачката куќа.
Книгата е носител на Признание за афирмација на македонскиот јазик и литература, што го доделува издавачот за книжевни дела со трајни уметнички вредности.
Поетот има личен однос со песната, како градинарот со цвеќето и нејзиното растење прогресира под индиректно влијание на сонот како релативна опсесија што ги менува формите и боите под небото од илузии. „Јас сум сон“ претставува филозофско-поетска рапсодија за феноменот на сонот. Сонот виден низ окото на будниот поет е гласноговорник, божество и метафизичка завеса над свесното човечко битие. Тој е тајна и вистина, вечен прашалник и претскажувач на неслученото. Испеана во прецизен римуван стил оваа поезија истовремено му наметнува на читателот книжевна наслада и контемплативно патување низ неодгатнатите длабочини на умот, стои во рецензијата на писателот Никола Илијовски.
Да се пишува за сонот значи епистемолошки да се трага во себе, одново да се спознае детството како извор на идеите и од агол на несвесен набљудувач да се продира во сопствената сегашност, па од тоа да се направи поезија. Толкувањето на сонот се чини дека е најпогодно ако тоа се прави на поетски начин, така породувањето на потсвеста добива на мисловна автентичност и пророчка загадочност, што конкретно е во случајот со оваа поетска книга, се децидни од издавачката куќа и очекуваат позитивен фидбек од читателите, пред се од младата популација.
Стефан Јовески е поет што го согорува поетското во себе. Имено, за него поезијата е гориво на постоењето, храна за умот или единствена вистина рефлектирана во огледалото на личното несвесно. „Јас сум сон“ е поетско патешествие што настанува по рабовите на потсвеста и одново се случува додека се исчитува, додека живее низ очите на оној што го восприема. На вехементен начин поетот го напаѓа просторот што се отвора пред него како сон и го преобликува, го пресоздава под налетот на супер егото како алфа поетско јас, резимира Илијовски.
СТЕФАН ЈОВЕСКИ е роден во Скопје, 1995 година. Студира филозофија на филозофскиот факултет при универзитетот „Св. Кирил и Методија“ — Скопје. Пишува поеми, раскази и музички текстови. Неговата поезија е настаната под силно влијание на музиката, па затоа неговите поеми тежнеат да бидат мелодични или ритмични. Книгата поезија „Јас сум сон“ е прво објавено дело од авторот и е продукт на неколкумесечна контемплација за темите кои го исполнуваат умот на авторот.
Живее и студира во Скопје.
Во продолжение објавуваме две песни од книгата.
НОЌ
Воздух што гори и солно ме дроби,
по дробови бели; изгори ме, здроби ме, твои
честици болни, се производ од сни,
заробени долу под сивиот свод и
над влажните плочки, од улици до ѕид,
заробени помеѓу камени кори,
на лица со облик на сенишни форми
кои дишат од свои отрови.
Отворам очи — сѐ што ме гони
во бессони ноќи, о, граду на солзи,
мирен ветар ми носиш,
но, ништо не годи, кога се прашуваш што си,
и кој лик, во овој метеж од коли,
и неред од пориви и нагони злобни.
Пак ли им простив, патувајќи од нив,
станувајќи еден од степските волци -
вијам емоции полни, до зори,
кон ѕвезден покрив, но сите спомени
и чувства бројни и сѐ што сонив
и косиве мои, како да не се мои.
Како јас да сум сој див,
со природа која не припаѓа со нив,
а во нив — глупост на тони,
спокој што плови по нивната плиткост, а боли
баш тоа што не си ко зомби,
што не можеш мирно да чекориш ко нив.
Па бегаш, а патот се двои,
па излезот брои две порти:
првата води до молив и моли,
да убиеш сѐ и заробиш во стих,
но и вториот праг, е повторно обид
да дознаеш дали си жив и вистински што си…
ШЕПОТИ
Во ноќ полна шепоти,
ум вие танц, нескротлив,
низ реки души, сенишни,
сите мигови — нови немири.
Зошто очи бодат дно,
кога ни кожа не е дом,
кога ни душа не е тло,
на сѐ што гуши,
на сѐ што носи,
в бродолом?
Кон каде врви сиот свет,
кон што стрви мојата свест…?
РЕДАКЦИЈА НОВ ВАВИЛОН, Битола