Наскоро во печат: „ПЛАЧОТ НА ЉУБОВТА“ од Душица Ристовска

Наскоро во издание на Здружението за книжевен развој НОВ ВАВИЛОН од Битола влегува во печат книгата поезија „Плачот на љубовта“ од младата поетеса Душица Ристовска од Скопје.

Душица Ристовска (1999 г.) е студент на Машинскиот факултет во Скопје. „Плачот на љубовта“ е нејзиното книжевно првенче, сместено во едицијата Вавилонци за 2019 година, за кое е носител на Признанието за афирмација на македонскиот јазик и литература, што го доделува издавачот НОВ ВАВИЛОН, Битола за книжевни дела кои се одликуваат со автентичност, високи уметнички вредности и го збогатуваат творештвото на мајчиниот јазик.

Поетесата Ристовска на еден суптилен начин, со моќта на стихот го гради мостот на поезијата и длабоко зачекорува по патот на вечниот немир, инспириран од брановитите води на вечната поетска тема: љубовта под оловното небо од романтичарски изгреви и залези.

Книгата содржи шеесет љубовни песни испеани во силен и прецизен стих во автентичен поетски стил. Насловот на делото е во кохезија со напишаното и го дава конечниот сублимат на поетската приказна што кулминира од песна во песна. Поетесата има автобиографски пристап од кој извира сценска театралност со јачина на чемерен климакс. Имено, Авторот ја гради и обединува својата поетика под знамето на вечните неодговорени прашања инспирирани од самотијата, страдањата и копнежите што ги создава љубовта сама по себе, на начин што успешно се надоврзува на бесконечно долгиот синџир на љубовни песни испеани во македонската и светската интимна лирика.

Таа вешто владее со стихот и во спонтаноста на поетскот миг создава трајни слики.

Како булка
покрај пруга,
го чекам
следниот воз јас,
како булка
покрај пруга
ќе ме одминеш
без глас.

Пред нас стои поезија — битие, што ненаметливо ги истакнува дијалектичките постулати на радоста и тагата. Поетесата го внесува кодот на себството во поетиката на љубовта до силна екстензија на индивидуализам што се раѓа кога умира и умира во секое ново раѓање до крајот на времето. Нејзиниот пристап е поставен судбински и се карактеризира со висок степен на емоционална дихотомија на душата и телото, животот и смртта.

О, љубов,
земи,
земи сѐ што е мое,
јас ќе умрам,
ти да живееш.

Оваа книга поезија може да се сфати и како чин на поетско себеоткривање, кое е длабоко втемелено во потрагата по себе си во светот на нерастајнети илузии. Поетесата е определен романтичар во постмодернистичко време, за кого поезијата е наковална, а невидливата сила на љубовта е чекан што ја дава формата на стихот. Таа е поетското лице на филозофијата на љубовта, спроводник на плачот што живее низ вековите, продолжение на идеалите на Хелдерлин и Гете, Бајрон и Блејк, Бодлер и Едгар Алан По.

Јас сум
последната ноќ,
што ја бара
својата изгубена ѕвезда.

Плачот на љубовта на Душица Ристовска е поетско дело пар екселанс што на недвосмислен начин ги возобновува култните поетски вредности во новото време — невреме на уметнички поплави.

Во продолжение објавуваме две нејзини песни:

ГОРИ НАДЕЖ

Гори надеж!
Сосем изгори!
Твојата пепел
моја солза ќе ја измие,
твојот чад,
во еден здив,
мојата душа ќе го впие.
Гори надеж!
Сосем изгори!
Ќе те оплакувам
во моите стихови.
Гори!
Новото утро
не ќе те памти,
да заплаче небото,
ноќта да те заборави.
Гори надеж!
Сосем изгори!
Ќе те оплакувам
во моите стихови.

ЉУБОВ, СЕТИ СЕ

Кога небото
ќе ги намокри улиците,
на мене
ти љубов, сети се,
кога ќе снемам солзи,
за нас,
небото нека се исплаче.
Кога сонцето
ќе го огрее твојот праг,
на овие црни коси
ти, љубов, сети се,
пролетта
нека ти мириса на мене.
И кога ќе падне мрак
на моите очи
ти, љубов, сети се
и меѓу ѕвездите
побарај ме.

РЕДАКЦИЈА НА НОВ ВАВИЛОН, Битола

претседател м-р Никола Илијовски

--

--

Здружение за книжевен развој Нов Вавилон
Здружение за книжевен развој Нов Вавилон

Written by Здружение за книжевен развој Нов Вавилон

Остварување на книжевни проекти поврзани со издавачката дејност.

No responses yet