НАСКОРО ВО ПЕЧАТ „Бесконечноста до тронот“ на Емилија Србиноска
Во издание на Здружението за книжевен развој НОВ ВАВИЛОН, Битола, деновиве влегува во печат дебитантската книга поезија на поетесата Емилија Србиноска од Гостивар. Книгата е дел од едицијата Вавилонци и за неа авторот е носител на Признание за афирмација на македонскиот јазик и литература, што го доделува издавачот за дела кои се карактеризираат со уметнички квалитети и трајни книжевни вредности.
Емилија Србиноска е родена 2000 година во Гостивар. Член е на литературниот клуб на млади поети во родниот град. Зема
активно учество на повеќе книжевни настани во републиката.
„Бесконечноста до тронот“ е книга поезија во квантитативна минијатура со есенцијална порака и изградена идеја. Имено, искомпонирана е од дваесет песни во кои доминира наративна љубовна содржина. Поетесата во субјективен поетски стил ги отсликува своите младешки размисли за емотивната страна на животот, љубовта, болката, страдањата и сѐ она што ги чини сите прашања и одговори од кои младоста е секогаш засегната. На идеалистички начин авторот на оваа поезија се обидува да ја заштити љубовта како апсолутна радост, наспроти суровата реалност од препреки и неизвесност, информираат од издавачката куќа.
„Нема да биде далеку од вистината и во конкретниот случај на Србиноска ако се потенцира поетскиот факт кој стана и еден вид на дефиниција во историјата на поезијата, пред век и половина искажан во стиховите на големиот поет Хелдерлин, дека поезијата е религија на младоста. Во поезијата е сѐ дозволено и таму се поместуваат сите овоземски граници на возможното и невозможното. Поетите го гледаат светот низ призмата на својата поетска вистина и при создавањето на секој нареден стих непоколебливо го бранат својот став на чудесното во себе“, стои во рецензијата на м-р Никола Илијовски.
Јас би била капка дожд
само за да можам болката и тагата
да ти ги измијам
и по лицето да те помилувам.
Јас би била ветер
само за да можам
цврсто да те прегрнам.
Јас би била сѐ само за тебе.
Поетесата се открива себе си во поетски фаталистички дух без да се штеди себе си на хартија. Песните се напишани во богат наративен стил и содржат приказна, што најчесто обработува некој љубовен настан, реплика или размисла на авторот за животот и љубовта во него. Србиноска има „агресивен“ поетски пристап кон субјкетот, музата, кој воедно е причината и последицата на настанувањето на песната, врзувајќи ги времињата на минато и сегашност во кохерентна врска.
Таа во Гетеовски пристап му се обраќа на саканиот издигнувајќи го љубовниот копнеж на пиедестал на поетско лудило во поетиката на младоста, што убедливо ја одбележува оваа книга на бесконечни идеали до тронот на љубовта.
Колку ли пати треба да умрам
за да сфатиш
колку јас те љубам.
Во продолжение објавуваме една песна…
ЈАС БИ…
Зошто не си цвет
за да можам да те помирисам.
Зошто не си предмет
за да можам да те видам
и да те имам.
Зошто не си природа
за да можам да те насликам.
Зошто не си реченица
за да можам да те прочитам
Зошто не си песна
за да можам да те слушнам.
Зошто не си нота
за да можам да те отсвирам.
Туку си љубов,
за која јас би била птица
само за да можам да полетам
горе на небото,
во воздухот
и да можам тебе да те видам
и на твоето рамо да слетам.
Јас би била ѕвезда
за да можам од небото
знак да ти испратам.
Јас би била сонце
за да можам денот
да ти го осветлам
и да те стоплам.
Јас би била и месечина
само за да можам
и ноќта да ти ја осветлам
и во ден да ти ја престорам.
Јас би била капка дожд
само за да можам болката и тагата
да ти ги измијам
и по лицето да те помилувам.
Јас би била ветер
само за да можам
цврсто да те прегрнам.
Јас би била сѐ само за тебе.