МАРТА ДИМИТРОВ

МОЈОТ ХРАМ Е ВНАТРЕ ВО МЕНЕ

Деновиве во издание на Здружението за книжевен развој НОВ ВАВИЛОН од Битола излегува од печат книгата поезија на поетесата Марта Димитров од Кавадарци со наслов „Мојот храм е внатре во мене“. Книгата е дел од едицијата „Вавилонци“.

Марта Димитров дипломирала преведување англиски и германски јазик на филолошкиот факултет „Блаже Конески“ — Скопје. Моментално е магистрант на втор циклус студии по Меѓународен бизнис со странски јазици. Автор е на романот „Разголена душа“, издаден во 2018 година.

Поезијата на Марта Димитров се одликува со созреан поетски израз и во неа поетесата гради своја препознатлива автентичност. Стиховите се испишани во силен, младешки идеалистички дух со кој Димитров го гради своето време, својата сегашност. Оваа поетска книга е и една чудесна игра со вистините и смислата на сите времиња, и иако испеана во долги нарации таа не ја оптоварува смислата на поетската идеја и вешто, со раката на вешт сликар отвора нови врати таму каде што не се, таму каде што треба да бидат отворени.

Ние не треба да се обидуваме, туку да убедуваме, забележува потесата и го отвора својот „храм“ за читателите пред светот.

За оваа книга таа е добитник на Признание од издавачот за афирмација на македонскиот јазик и литература.

Во продолжение објавуваме неколку песни:

ЉУБОВ

Секоја година
кога на пролет ќе почне да мириса
ми доаѓа да се вљубам лудо
и да не мислам, да не размислувам
дали од љубовта фајде ќе има
дали срцето
ќе ми остане цело
дали до другата пролет мирисот на љубовта ќе трае
или нема лезет да се зајдувам од чувства
и да љубам ‘ко да ќе нема утре.

Секоја година
кога на пролет ќе почне да мириса
почнува да ми свири некој џез
и кафето да ми има вкус на свежо утро
посипано со цимет озгора,
та сето така полно надеж и елан
ветува дека денот ќе е сет скроен од среќа
и ми вели да не се плашам да се вљубам
макар и да нема фајде
макар и срцето да не ми остане цело
макар и мирисот на љубовта да не трае до другата пролет
и дека нема зошто лезет да барам во љубење,
та да љубам ‘ко да ќе нема утре.

Секоја година
кога на пролет ќе почне да мириса, се сеќавам
дека некогаш љубев и не размислував
дали од љубовта фајде ќе има
и срцето не ми остана цело,
но се залечи,
мирисот на љубовта исчезна
и пак дојде обоен во мириси на новата пролет,
а патем лезет многу не најдов, но сфатив:
пак би љубела ‘ко да ќе нема утре.

СОВРШЕН ЖИВОТ

Никој не ти ветил дека животот совршен ќе ти е никој не ти ветил
и не надевај се дека катаден ќе те облива среќа
и дека сѐ ќе ти биде рамно со сѐ на број
не надевај се,
оти некој паметен рекол
„ако имаш во картите во љубовта ќе немаш“ или обратно,
или може пари да имаш, а да си несреќен
или љубен да си, а сиромашен
така некако.

Никој не ти ветил дека животот совршен ќе ти е,
но пусти ние луѓето сме запнале за совршенство
та само се жалиме дека нешто немаме
дека нешто ни фали
ни недостасува
без да сме свесни дека ги игнорираме нештата што ги имаме.
И не е дека не може да се има сѐ,
не е,
туку не бадијала се знае дека човек е алчен
за уште дури и кога има многу,
та кога ќе го изгуби и тоа многу
станува свесен за она малку што го имал првин.

Ех совршенство…

Никој не ни ветил дека животот совршен ќе ни е,
но барем со време да нѐ предупредел
дека тој борба е.

ЈАЗИКОТ НА КИКОТОТ

Мене професијата ми е филолог и преведувач
познавам два странски јазика
и уште два други колку да се снајдам
и не е дека не си го сакам звањето,
но помил јазик ми е оној на кикотот
чунки нема таков поубав од смеата,
да сетиш како ти игра стомакот,
грлото како ти подрипнува
и како се брчкаш околу усните,
а очите ти мижат дури се обидуваш да се докажеш,
а не можеш оти се кикотиш.
Тој јазик го знаат сите народи,
нема кај него што да се преведува
и кај сите со исти букви се кажува
и кај сите поубав е кога има звук
оти така човек може да го почувствува
оти така на човек може душата да му заигра,
та да сети што е радост — со телото,
да сети што е среќа — со срцето,
да сети како се живее — во моментот
без да се дума за некое идно утре
без да се грижи дали следниот ден
полесен за живеење ќе е
или нема да е ништо поразличен од денешниот.
Мене професијата ми е филолог и преведувач,
познавам два странски јазика
и уште два други колку да се снајдам
и не е дека не си го сакам звањето,
но не постои јазик поубав од смеата.

Редакција НОВ ВАВИЛОН, Битола

--

--

Здружение за книжевен развој Нов Вавилон
Здружение за книжевен развој Нов Вавилон

Written by Здружение за книжевен развој Нов Вавилон

Остварување на книжевни проекти поврзани со издавачката дејност.

No responses yet