Книгата поезија „Лавиринт на младоста“ на Елена Ангелеска излегува од печат
Во издание на Здружението за книжевен развој НОВ ВАВИЛОН од Битола, излегува од печат дебитантската книга поезија со наслов „Лавиринт на младоста“ од младата поетеса Елена Ангелеска од Прилеп.
За книгата Ангелеска е носител на Признание за афирмација на македонскиот јази и литература што го доделува издавачот НОВ ВАВИЛОН за дела со трајни уметнички вредности.
Книгата поезија „Лавиринт на младоста“ од Елена Ангелеска ни донесува поезија компилација од тематски различни песни, што обработуваат повеќе сегменти од секојдневното живеење, сите обединети под насловот на вечната поетска инспирација — младоста, метафорички гледана како лавиринт низ очите на поетесата, информираат од издавачката куќа.
Нејзината поезија ја вбројуваме во редовите на лесна поезија, пое-зија за уживање, поезија која не бара да нуркаме низ нејзините зборови за да го разбереме нејзиното преносно значење. Поезијата на Елена, пее за животот, за надежта, за љубовта, за родителот, за желбите и мечтаењата. Елена творејќи нам ни пренесува оптимизам, подобро утро, посветла реалност, жар на една млада девојка која сонува, но не сонува за идеалност туку сонува за реалност, реалност која сами можеме да ја подобриме, стои во рецензијата на професор Стефани Видеска.
„Составена од 13 долгометражни песни со наративна содржина, оваа книга поезија со поучен карактер пее за љубовта, другарството, семејството, татковината, историските и световните вредности, критички ги изразува личните ставови на поетесата за недостатоците на општеството, за младината како револуционерна сила во истото и на почесно место ги истакнува сите оние добродетели што водат кон креирање на едно подобро утре. Поезијата на Ангелеска се карактеризира со јасен и плодоносен стих и освојува уште на прв поглед. Таа е поетскиот глас на младината што не потсетува на заборавената естетика на постоењето за која младоста сонува“, стои во рецензијата на писателот Никола Илијовски.
Елена Ангелеска е родена во Прилеп, 2000 година. Моментално е средношколец во Гимназијата „Мирче Ацев“ во Прилеп. Активно учествува на општински и републички натпревари, за што е добитник на повеќе награди и признанија.
Во продолжение објавуваме две нејзини песни:
ДРУГАРСТВО
Другар — столб на твоето постоење!
Ретро-дневник на твоите спомени и сеќавања!
Успешна личност која успева имајќи те!
Голем човек, голема мисла, големи очекувања…
Архитект на сите твои планови, идеи, мечти!
Реткост што тешко се наоѓа, а лесно може да се изгуби!
Среќа што секогаш се шири, но никогаш не се троши!
Тежиште во фигурата од твојот живот!
Восхит што ја исполнува душата!
Одговор на сите поставени дилеми што е ДРУГАРСТВО?
ТОЈ МИГ…
Утро. Јас. Ти. Пак ти. И само ти…
Доволни, еднина други…
Отворив очи. Те погледнав. Ме погледна.
Се насмевнав. Се насмеа.
Реков: ЉУБОВ, рече: ТИ СИ МИ
Реков: ЗАСЕКОГАШ, рече: МОЈА СИ
Реков: ВЕРУВАЈ МИ, рече: САМО ТИ
Тој миг кога те погледнав…
Тој миг кога те запознав…
Тој миг кога ми рече САКАНА…
Кога полетав бескрајот небесен шир…
Кога треперев како лист…
Кога се смеев и плачев…
Кога тонев во морското синило на твоите очи…
Кога сотрев сè, сакајќи те…
Кога споив сè, љубејќи те…
Кога цврсто држев, не пуштајќи те…
Кога се изгубив во минатото…
Кога се пронајдов само во иднината…
Кога незалудно трошев време на тебе…
Кога за љубов не знаев за доста…
Кога творев за нас…
Кога деноноќно мечтаев…
И кога повторно ќе се сетам…
И кога повторно твоите зборови ќе допрат…
И кога денес повторно ќе се разбудам
Јас пак сум тука. Овде. A ти не. Нигде.
И кога повторно спомени врнат…
Се сетив на тој миг…
За двајцата — веќе заборавен.
Тој миг…Тоа чувство…Тој лик…Тој непребол.
РЕДАКЦИЈА НА НОВ ВАВИЛОН, Битола