Излезе од печат третата книга поезија „Песна на песната“ од поетот Рате Савев
Во издание на Здружението за книжевен развој НОВ ВАВИЛОН од Битола излезе од печат книгата поезија „Песна на песната“, која претставува трето книжевно остварување од поетот Рате Савев.
Станува збор за уникатна поезија во која авторот дава автентично отсликување со свои стихови наспроти најпознатите македонски народни песни. Всушност, книгата е поделена на два циклуси: љубовни и родољубиви песни, каде што секоја народна песна добива свое огледало од изворна авторска песна. Книгата изобилува со богати поетски изблици кои на читателот му ги „размрдуваат и разбудуваат“ емоциите, нудејќи му уникатно доживување на старото наспроти новото, двете единствени и еднакво вредни во ризницата на македонската лирика.
Поетот не ги судира времињата. Тој глатко преминува од едно во друго време, ги надополнува, разигрува, меша, создавајќи живописна слика од стихови со кои ги надминува очекувањата и вешто го задржува вниманието на читателот, информираат од издавачката куќа.
Во дел од исцрпните рецензии за поезијата на Рате Савев, рецензентите напишале:
„Во своите поетски изблици, врз совршена складност на зборот и ритамот, со креативни структури на стиховите, оригинални идеи, форми и преобликувања, авторот вдахнува нов живот и нова естетика на нашата народна поезија“ — проф. Влатко Савев
Во ова капитално поетско дело поетот Рате Савев се обидува да создаде паралелно огледало наспроти фолклорната поетика, во кое ќе се огледуваат минатото и сегашноста, а можеби и ќе се загледуваат како момче и девојка и на чуден начин тивко ќе се довикуваат во времето што ни почеток ни крај има.“ — м-р Никола Илијовски
„Иако поетскиот простор е сместен на не толку голем број страници, тој има огромна длабочина низ која се слуша ехото од минатото, пораките од сегашноста и аманетот за иднината — дека може да се сочува македонскиот самобит, со духовниот меч на цивилизацијата и културата — поетското перо.“ — проф. Зоран Трпчески
„Читајќи ги песните наидуваме на обид да се излезе од маргините на класичното пишување поезија. Според мене збирката песни претставува смирена и приземјена поезија, која е своевидна исповед на поетот. Топло ја препорачувам на сите љубители на поезија.“ — проф. Христина Трпческа
КАКВА И ДА СИ
„Не се бели Маре, не се црви“
Каква и да си,
не се предомислувај,
облечи го фустанот што го имаш,
не ставај црвенило,
не ги бојадисувај очите,
ти, и без тоа си убавица:
румено лице,
насмеани усни,
распуштена свилена коса,
нежни раце…
Што повеќе?
Не се колебај,
Дојди!
Дојди, прегрниме,
тебе ти припаѓам.
Те посакав таква ,каква што си.
Дојди! Дојди!
Дојди, каква и да си!
Јас те сакам, таква каква што си. -
Рате Савев
Не се бели Mаре мори
Не се бели, Маре мори, не се црви,
не се тулку Маре дотерувај.
Ми се смеат, Маре мори, комшиите,
комшиите Маре, еснафите.
Во кого си, Маре мори погледнала,
секому си Маре болест дала.
Кому два дни, Маре мори, кому три дни,
а на мене Маре три години.
Ме направи, Маре мори, суво дрво,
суво дрво, Маре, јаворово. -
македонска народна песна
Оваа книга поезија ќе биде промовирана после нормализирањето на состојбата со здравствената криза со корона вирусот.
РЕДАКЦИЈА
НОВ ВАВИЛОН, Битола