Излезе од печат романот „ЧЕКОР ПРЕД НИВ“ од Ивана Балтовска
Во издание на Здружението за книжевен развој НОВ ВАВИЛОН, Битола, излезе од печат криминалистичкиот роман „Чекор пред нив“ од романсиерката Ивана Балтовска од Битола.
Романот е поддржан како проект од национален интерес за 2020 година од Министерството за култура на Р. Северна Македонија.
„Чекор пред нив“ од Ивана Балтовска е возбудлив криминолошко-психолошки роман што во секој поглед го дефинира поимот на трилерските книжевни остварувања што долго пулсираат во потсвеста на читателот. Ова четиво веднаш го освојува вниманието и сѐ што треба да се направи е да се остане буден до последното поглавје, до конечната еклипса. Многу лесно се впуштаме во приказната што се отвора како кино проекција и веќе сме таму: во одајата на премолченото, во битот на невозможното, во сенката на лагата, во чудните длабочини на човечката психа, информираат од издавчката куќа.
„Чекор пред нив“ е роман за правдата и правичноста, за разумот и безумието, за болката и одмаздата — за долгиот бесмислен пат на осаменоста. Романсиерката направила тежок потфат да воспостави мост помеѓу бреговите што се оддалечуваат. Најтешко е да го составуваш светот што се распаѓа, тоа е исто како да составуваш скршена чаша, секој обид е опасен, но и да се пишува е опасно! Низ овие редови таа упатува силна порака: што со вистинскиот криминал и како до негово поуспешно разрешување, како да се биде чекор пред вистината? Таа утописка идеја еволуира од почетокот на цивилизираното општество, и е доволно инспиративна и мотивирачка за еден ден да биде во голем процент и решлива. Во тој контекст се провлекува и прашањето за нашиот казнен ситем и неговата ефикасност. Фактите зборуваат дека казнено-поправните институции се преполни, но дали таму се наоѓаат сите вистински луѓе?
Конечно, „Чекор пред нив“ е и роман за неизвесноста и за оние што одново почнуваат. Нашето секојдневие е непредвидливо, кажано со зборовите на Балтовска, но, во тоа лежи неговата убавина и неговото проклетство. Секојдневието го породува нашето постоење и од него извираат сите недостатоци и сите можни решенија. Секогаш може одново да се почне, секогаш додека има утре, стои во рецензијата на писателот Никола Илијовски.
ИВАНА БАЛТОВСКА е родена во Битола, 1997 година. Дипломирала на Правниот Факул-тет ,,Јустинијан Први“ — Скопје во 2018 година, а магистрирала во 2020 година на темата „Про-фил на сторител на кривично дело: силување”. Член e на ЕЛСА — European Law Students Association и активно присуствува на нивните кон-ференции. Член е на: Здружението на млади кривичари и на Здружението за кривично право и криминологија. Има учествувано во активнос-тите на правната клиника по казнено право, правната клиника за бегалци како и правната клиника за ранливи групи, отсек права на притвореници и затвореници
Активно зборува англиски, германски, српски и шпански јазик.
Автор е на книгата раскази „Неискажаните зборови” (2018 г.), и романите: „Пајажина од тајни (2018 г.) и „Чекор пред нив“ (2020 г.)
За книгата раскази „Неискажаните зборови” е добитник на втората награда „Книжевни меридијани“ од издавачот ДАТА ПЕСНОПОЈ — Битола.
За романот „Пајажина од тајни“ е добитник на Признание за афримација на македонскиот јазик и литература од издавачот НОВ ВАВИЛОН од Битола.