Излезе од печат книгата поезија „СВЕТЛА МИЛОКРВНОСТ„ од поетесата Благица Станоеска
Во издание на Здружението за книжевен развој НОВ ВАВИЛОН од Битола излезе од печат книгата поезија „СВЕТЛА МИЛОКРВНОСТ“ од поетесата Благица Станоеска од Скопје.
Станува збор за дело со кратки поетски творби, каде се поместени педесет и две силни поетски изблици составениод три, четири и пет стишија, кои се директно олицетворение на светогледот на поетесата.
„Нејзините зборови се мудри, дотолку што можеме да се раководиме според нејзиниот пишан збор, имајќи ја книгата до себе како молитвеник, како кроток потсетник на она што нѐ возвишува, исполнува, усреќува, и она што нѐоцрнува.
На елегантен и ненаметлив начин споени се Светлоста Небесна и човековиот живот, патувајќи низ убавините од неизбежното деноноќие. Кроткоста е доблест која го расцветува светот, а преданоста кон Божјата реч е спасот од темната страна на битисувањето.“ — ќе напише рецензентот на оваа книга Соња Змејкоска — Илијовска
Карактеристично за песните од оваа поетска книга е тоа што содржат
интересни кованици од убави македонски зборови, пријатни за читање и слушање. Преку овие кратки изблици поетесата ја испраќа својата светла и топла порака кон човештвото, давајќи им го на луѓето најубавото од себе.
Темјанот опојно
ѝ се восхитува
на богоугодната нафора.
…………………………………..
Вселената без почеток и крај
дарува енергија љубовно
на сите неброени тела
во нејзините пазуви.
……………………………………
Два збора
еден спроти друг
морничаво дебатираат
за линијата на животот.
Книгата може да се нарача преку facebook страната на издавачката куќа НОВ ВАВИЛОН, Битола на следниот линк:
Редакција
НОВ ВАВИЛОН, Битола