Излезе од печат книгата поезија „МИРИСОТ НА НЕЈЗИНАТА КОСА“ од поетот Селмин Несимоски
Во издание на Здружението за книжевен развој НОВ ВАВИЛОН, Битола излезе од печат книгата поезија „МИРИСОТ НА НЕЈЗИНАТА КОСА“ од поетот Селмин Несимоски од долно Косоврасти, Дебар.
Книгата е негово прво поетско претставување на книжевната сцена во Р. С. Македонија. Во неа се поместени 45 песни со исклучително љубовна содржина и сите заедно формираат компактна целина на чувства и настани од реалниот живот на поетот.
„ЉУБОВ е најубавиот збор кој е двигател на целокупното човечко битисување, збор кој ја дефинира смислата на постоењето и дава про-ток на чиста енергија која создава топли, пријатни и прекрасни меѓучовечки односи… Токму за оваа љубов ревносно, болно, но истовремено страстно и возвишено пее поетот Селмин Несимоски во неговата прва книга поезија „МИРИСОТ НА НЕЈЗИНАТА КОСА“.
Песните се пишувани во еден здив, од каде што јасно се согледува дека поетот е воден од моментални чувства чие влијание е континуирано, непрекинато и трае дури и после завршувањето на оваа книга.
Мотивот е јасен — жена. Но, за поетот единствена, возвишена, беспрекорна, муза, па со сѐ сите маани и недостатоци, за него совршена. Кога срцето љуби тоа станува кревко, ранливо, детско, и не знае за ништо друго освен да ја идеализира љубовта преку саканата личност, како што Селмин Несимовски мајсторски го стокмил својот поглед на неа во извонредни стихови. Стихови низ кои, иако болни, експлодираат беспрекорно чисти чувства и намери кон љубовта.
Но, не смее а да не се забележи несвесното, но очигледно разграничување од страна на поетот на љубовта со личноста како единка, иако таа личност е тесно поврзана со ова единствено чувство. Имено, поетот љубовта ја става на врвот од неговите вредности, но Ружата, како што ја нарекува неговата најмила, најсакана, за него совршена жена, е предизвикувачот на целата несреќа и страдање во името на љубовта, што несомнено доведува до заклучок дека желбата за присуството на саканата личност до нас, води кон страдање и болка, а не љубовта, која сама по себе е чиста и искрена и ни ја исполнува душата со убавина. — ќе напишат од редакцијата на НОВ ВАВИЛОН, Битола
„Мирисот на нејзината коса“ од авторот Селмин Несимоски е збирка на песни во која низ перото на авторот е опишано најмоќното, но истовремено и едно од најголемите смртоносни оружја во животот — љубовта. Љубовта претставува најголема среќа, но и најголема тага за авторот која го наведува да ги исфрли своите чувства на хартија, преточувајќи ги во песни.
Ова дело нѐ потсетува на важноста и значењето на љубовта, пеперутките во стомакот, болката по невозвратена љубов, но, пред сѐ — убавината која љубовта ја носи со себе.
Дело кое лесно може да биде прочитано, но тешко да биде испуштено од рака. Книга која е пишувана по вистински настан, еден вид на мини-автобиографија на авторот во која тој се претставува себеси онака како што само една заљубена душа може — искрено како детската насмевка.
„Мирисот на нејзините коси“ е дело кое треба задолжително да стои во вашите полици со книги, дело кое треба да биде прочитано од сите оние кои пателе, љубеле неповратно, но и оние кои никогаш не љубеле — за да ја сфатат моќта на љубовта и разорноста која ја носи со себе. Оваа книга ни кажува како е да љубиш — а сепак да не си љубен, како е да не можеш да живееш без некого — но тој „некој“ може да жи-вее без тебе. — пишува во рецензијата на писателката Ивана Балтовска
Во прилог следува дел од поезијата на Несимовски:
ИЗГУБЕН ВИД
Гледајќи ја убавината на стеблото –
твојата убавина,
од вид почнав да ја губам шумата –
светот околу нас,
eте до толку ослепев од твојата убавина.
Ме нападна војска во сонот –
кошмари и оваа вечер,
ама камо да беше само оваа вечер…
Знаеш кој е војсководец
секоја ноќ на кошмарот?
Едноставно –
ти, ем си војсководец,
ем кошмарот во сонот.
— — — — — — — — — — — — — — — —
СОНЦЕ И МЕСЕЧИНА
Сонцето изгрева,
сонцето заоѓа,
и месечината се појавува,
но и таа е на патот да зајде,
а јас седам и го слушам ветерот како тивко вее. Нема ден, нема ноќ а јас нив да не ги видам, нема ден а јас зајдисонце да не видам,
нема ноќ а јас месечина да не видам,
и нема ден, ни ноќ а јас од мисли да те извадам. Но, зошто?
Зошто сонцето секое утро ме буди,
зошто месечината секоја ноќ
тажни спомени ми буди?
Зошто тиe секогаш доаѓаат и си одат,
зарем тажни спомени да ми будат?
Птиците тажни песни ми пеат,
а ноќите тажни слики ми редат.
Ти си како нив, во срцето жар ми влеа,
но темна душа ми остави.
Не, не, ти всушност и не си како нив,
тие доаѓаат, си одат, доѓаат и си одат,
ти дојде и си замина…
замина и немаш храброст како нив
да се вратиш.
Книгата може да се нарача преку facebook страната на издавачката куќа НОВ ВАВИЛОН, Битола на следниот линк:
Редакција
НОВ ВАВИЛОН, Битола