Излезе од печат книгата поезија „МАША“ од поетесата Ирена Нешковска

Во издание на Здружението за книжевен развој НОВ ВАВИЛОН, Битола излезе од печат книгата поезија „МАША“ од поетесата Ирена Нешковска од Битола.

„Маша“ е второ поетско дело од поетесата Нешковска. Во книгата се поместени 92 песни, ниедна слична на претходната, а сите заедно формираат компактна целина од чувства и настани создадени длабоко во душата на личноста.

Понекогаш се запрашуваме:може ли мирното море во длабочините да крие урнебесна бура? Читајќи ја поезијата на поетесата Нешковска, одговорот е неминовно потврден. Нејзините песни се кованица од урнебесни стихови кои дивеат низ страниците на оваа книга. Таа е храбра во ракувањето со перото, бидејќи, за вештината со која што прецизно ги буди емоциите на читателот е потребна храброст за спознавање, соочување и споделување на „длабокото, вистинско јас“ со надворешниот, премногу критички настроен, сурово-розов свет.

„Нејзиниот поетски дострел го има заобиколено површното човеково битисување и цели директно во длабочината на душата, чие што дно е длабоко онолку колку што самите го продлабочуваме, односно откриваме од себе онолку колку што сме храбри да се нурнеме…

Сериозниот, несекојдневен и единствен пристап на Ирена Нешковска кон поезијата, ја става на пиедесталот наменет за мала, исклучително квалитетна група на поети, кои што се препрочитуваат одново и одново, секогаш откривајќи нешто различно и пробудувајќи нови, единствени чувства во секој нареден стих.“ — ќе напишат од редакцијата на НОВ ВАВИЛОН, Битола

„Маша“ е книга за одбрани луѓе, за мала, сензитивна публика со изострен слух за громогласниот врисок на душата, нечуен за „обичните смртници“, бидејќи како што и самата поетеса ќе напише: „за сѐ се интересираме, сѐ знаеме, освен за нас самите“ и всушност, некако „така кубуриме“, неспознаени себеси а експерти за туѓите судбини.

Во прилог следува дел од поезијата на Ирена Нешковска:

ЕДЕН Е ДОМ

Ете и домот можел

туѓ да стане

и да се одроди некој,

и да гледа,

а да не гледа исто,

ама сето тоа — ако,

ако најдеш друг дом

и да го познаеш ко свој,

и мирисот ист да ви е.

Но, ако не најдеш?

Постоиш ли ти негде нов,

за мој дом да те познаам,

а пак, ти да си?

— — — — — — — — — — — — — — — — —

МУЗА

Им даваш чест

на најнеуважените места мои,

се сопнуваш од убавини

што би ги менувала,

твоите шепотливи перници,

помеки се

од мојот кревет полн со мисли,

сѐ додека пиеме кафе

на различни маси,

добро е,

таа сум,

сѐ додека пиеме кафе

на различни маси.

— — — — — — — — — — — — — — — — —

ДЕЦА

Слободни птички

со размавтани крилца.

Нема прашања,

не се потребни одговори.

Светот е тука,

во потскокнувањето.

Нема зима,

нема студ,

нема подобро свиено

гнездо на среќата,

ни подобра музика,

од оваа на гласниот кикот.

Ангел во секои очи.

Тука е вратата,

зад неа, Небото.

Книгата може да се нарача преку facebook страната на издавачката куќа НОВ ВАВИЛОН, Битола на следниот линк:

https://bit.ly/3oLd66R

Редакција

НОВ ВАВИЛОН, Битола

--

--

Здружение за книжевен развој Нов Вавилон
Здружение за книжевен развој Нов Вавилон

Written by Здружение за книжевен развој Нов Вавилон

Остварување на книжевни проекти поврзани со издавачката дејност.

No responses yet