Излезе од печат книгата поезија „ЕХОТО НА ПЕСНАТА“ од поетесата Благица Дафовска
Во издание на Здружението за книжевен развој НОВ ВАВИЛОН од Битола излезе од печат книгата поезија „ЕХОТО НА ПЕСНАТА“ од поетесата Благица Дафовска од Битола, која живее и работи во Торонто, Канада, како професорка по македонски јазик.
Книгата поезија „ЕХОТО НА ПЕСНАТА“ е втора стихозбирка на поетесата Благица Дафовска од Торонто, Канада, со потекло од с. Бабино, Демир Хисар, но живеела, растела и се образовала во прекрасната Битола, која ја носи во срцето и ѝ ја топли душата во далечната Канада. Книгата е поделена на пет поетски циклуси во кои се поместени вкупно 58 песни со силна емотивна и носталгична содржина. Поетесата со копнеж и носталгија пишува за својот роден крај, за Македонија. Умешно ги доловува исконските чувства за уба-вите минати времиња во кои радоста наѕираше од секоја пукнатина на старите камени селски ѕидови. На толку голема далечина, тие најчисто се паметат, најмногу недостигаат, па поетесата живее и црпе сила од непресушните бистри кладенци од спомените и сеќавањата на роднокрајната топлина.
„Таа е јасна и прецизна во својот стих, точно знае на кого му се обраќа и што му кажува, укажува и предупредува. Песните течат во единствена насока, со добра нарација и без распливнување, па така читателот добива една целосна слика на севкупната замисла на поетесата; мајсторски набоена со внимателно одбрани зборови, кои срочени и ускладени во разиграни, ненаметливи, но силни и наместа строги стихови, ја раскажува приказната за едно топло минато време, за сегаш-ниот копнеж по него (бидејќи било во татковината) и за иднината која никако нема да се дочека без сите овие спомени.“ — ќе напише поетесата Соња Змејкоска Илијовска
Оваа книга не случајно почнува со воведната песна ЕХОТО НА ПЕСНАТА, каде што поетесата, како сјаен брош на душата го понесува пријатното чувство, честа и радоста за формирањето на Првото македонско литературно друштво во Канада — „Браќа Миладиновци“.
Дел од стиховите на ЕХОТО НА ПЕСНАТА:
***
Не прашувајте ме
зошто ѝ се посветив
на песната…
Меѓу ехото на континентите
во ритамот на секоја песна
призвук сум нејзин,
а ден за ден
по еден збор ми избледува
… сека ноќ, месечината
со друга визија за иднината
нов збор ми подарува
… а секое утро призвукот на песната
ми го доближува прагот
на родната куќа моја
покрај тихата планинска река.
Книгата е преплавена со пофални стихови за најбитните личности во нашата книжевност, кои како бистар извор избликнуваат од поетовата душа. Таков е акростихот посветен на Блаже Конески, БЛАЖЕВИНА НА МАКЕДОНИЈА.
Особено впечатливи се песните БОЛЕШТИНА ЗА БАБИНО и ЗАШЛЕ, во кои точно, јасно и концизно се опеани детските носталгични спомени и копнежот по Бабино, односно начинот на живот и секојдневието на Зашлани. Освен тоа, поетесата успеала да најде соод-ветни стихови кои што започнуваат на првата буква од името на селата, што е исклучително сериозен пристап кон уметноста и умешноста во пишувањето, како и зрелоста во поетската естетика.
Со оглед на фактот дека поетесата цел живот е наставничка, неизоставен дел од нејзината поезија се и поетовите благи, но строги учителски укажувања, како и укори, а најмногу во врска со татковината. Затоа тука се и родољубивите песни меѓу кои МАКЕДОНИЈА, КОН ТАТКОВИНАТА, МЕРАК ПО СЛОВОТО СВЕТО и други. Во песната КОН ТАТКОВИНАТА, поетесата ќе напише:
Далечна придружничка
на моето деноноќие си ти;
како една ѕвезда недостижна,
како златокоса убавица
на Балканот,
како утринска воздишка,
како вечерна молитва,
како неделна лекција
за Свети Климент,
како судба оплакувана,
како песна зачната
во срцево мое.Со сето мое постоење
со тебе сум — во тебе сум,
Мајковино, Татковино, Дедовино…
И на овој континент
дел сум твој.
Поетесата Благица Дафовска, несвесно, но свечено и на голема врата се приклучува кон големиот број на роднокрајни автори кои ја потопуваат татковината и ѝ ги лечат раните со извонредни стихови кои се населуваат и засекогаш остануваат во потсвеста на секој романтичен читател.
Книгата може да се нарача преку facebook страната на издавачката куќа НОВ ВАВИЛОН, Битола на следниот линк:
Редакција
НОВ ВАВИЛОН, Битола