Излезе од печат книгата поезија „ЕГО“ од Филип Дракалски

Во издание на Здружението за книжевен развој НОВ ВАВИЛОН, Битола излезе од печат книгата поезија „Его“ од младиот поет Филип Дракалски.

ФИЛИП ДРАКАЛСКИ е роден во Скопје, 1998 година. Детството го поминува во с.Владимирово од каде што почнува неговата животна приказна. Основно образование завршува во ООУ „Дедо Иљо Малешевски“ во Берово и уште од најрана возраст пројавува интерес за пиша-ниот збор и природните науки. Средното образование го продолжува како стипендист во при-ватниот турски колеџ „Јахја Кемал“ но после две години одлучува да се врати во родното Берово и матурира во ОСУ „Ацо Русковски’’ — Берово, како првенец на генерацијата.

Првото појавување на книжевната сцена, јавноста го испишува со неговиот автобиографски роман, кој го објавува на дванаесест годишна возраст. Потоа следуваат романите: „Запеј Срце“ (2014 г.), и „Патот до Лондон“ (2015 г.) кој подоцна го повлекува од печат, (за истиот постои блог, каде што го промовира само онлајн-медиумски. Високото образование го продолжува на Медицинскиот Факултет во Скопје — на насоката општа медицина.

За книгата поезија „ЕГО“ е носител на ПРИЗНАНИЕ за афирмација на македонскиот јазик и литература, што го доделува издавачот НОВ ВАВИЛОН, Битола.

Поетското патешествие на младиот поет Филип Дракалски, насловено како „Его“, ни донесува динамична поетска мисла што во себе ги обединува функциите на човечкиот ум низ поетскиот разглас на себството, љубовта и младоста. Искомпонирано од 37 долгометражни песни ова поетско дело ја одразува суштината на психолошката рамнотежа и навидум го скротува вечниот етиолошки конфликт на причината и последицата. Таму се борат будноста и сонот за превласт, денот и ноќта за сон, светлината и темнината за будност, информираат од издавачката куќа.

Пред нас стои композициски сложена и слоевита поезија што пулсира од стих во стих, од апстракција до сензација. Сите песни се испеани во прво лице и наменски се посветени на одредена личност или на себе си во магичен круг на вечно копнеење. Нивната основа одлика е моно-лошката наративност преку која авторот се обраќа и комуницира со читателот. И тогаш не е тешко да се ѕирне во душата на поетот, да се држи чекор со екстазата на поетскиот миг во секојдневното трагање и создавање на совршениот ден за поетот, опеан како „љубовден“.

Егото е мост од потсвеста до сегашноста, од желбата до реалноста, од првобитните инстинкти кои го преокупираат нашето битие до најсложените морални закони што живеат во нашето свесно јас. Дракалски одново и одново го изодува патот на загубеното време, на далечното сеќавање. Всушност таму ја пронаоѓа и насладата на поетскиот копнеж и одново ја плаќа високата цена да се биде поет, да се гледа светот како совршено неспокојство, стои во рецензијата на писателот Никола Илијовски.

НОВ ВАВИЛОН, Битола

--

--

Здружение за книжевен развој Нов Вавилон
Здружение за книжевен развој Нов Вавилон

Written by Здружение за книжевен развој Нов Вавилон

Остварување на книжевни проекти поврзани со издавачката дејност.

No responses yet