Излезе од печат книгата поезија „БУЛКИ“ од поетесата Биљана Ѓоргиева-Зринк
Во издание на Здружението за книжевен развој НОВ ВАВИЛОН од Битола излезе од печат книгата поезија „БУЛКИ“ од поетесата Биљана Ѓоргиева-Зринк од Струмица.
Книгата поезија „БУЛКИ“ е седма книга на поетесата Биљана Ѓоргиева-Зринк, која најголемата инспирација ја црпе од бескрајните длабочини на магичниот океан на љубовта.
Книгата е поделена на два поетски циклуси: „Љубовни“ и „Најљубовни“, во кои се поместени вкупно четириесет и три песни. Карактеристично за првиот циклус е тоа што секоја песна започнува со буквата Б (што значи булка) и реден број за истата, по што откриваме дека поетесата на еден интересен и единствен начин ги подредила своите прекрасни булки во егзотичен цветен венец, со кој ќе биде закитен секој љубопитен читател кој што ќе ѕирне меѓу кориците на ова дело. Песните од вториот циклус се со еднакво љубовна содржина како и првиот. Во нив се обрнува внимание на чистите чувства кои што доаѓаат од срцето, од длабочината на душата, се пее за невината, вистинската, но страстна и опиплива љубов помеѓу мажот и жената.
„Нејзините песни се љубовни, трепетни, егзотични. Стиховите изобилуваат со страста и огнот на млади љубовници, усвитлени од желбата еден за друг и еден со друг да се насладуваат горејќи во својот љубовен пламен.“ — ќе напишат од редакцијата на НОВ ВАВИЛОН, Битола
Она кое што мора да се напомене е дека поезијата на Биљана Ѓоргиева- Зринк е поезија за одбрана публика, односно за читатели кои знаат да го препознаат убавото, да ја доживеат страста која експлодира низ стиховите и да го распламтат љубовниот жар во својот живот.
ЈАС И ТОЈ
Лежат на
два брега,
моето јас
и твоето јас.
Невидлива нишка
ги спојува
моето и твоето.
Посакувам
моето да е твое,
твоето мое.
Брегот
ќе го снема
во убавите соништа.
Моето јас
ќе бара
спасение
во широчината
на твојот брег.
Книгата е посветена на сопругот на поетесата — Жан.
Истата може да се нарача преку facebook страната на издавачката куќа НОВ ВАВИЛОН, Битола на следниот линк:
Редакција
НОВ ВАВИЛОН, Битола