Второ издание на романот „Зад виножитото“ на Елизабета Дончевска — Лушин
Наскоро во издание на Здружението за книжевен развој НОВ ВАВИЛОН од Битола, излегува од печат второто издание на романот „Зад Виножитото“ на Елизабета Дончевска — Лушин. Овој роман за првпат бил издаден 2005 г. од страна на Здружението „Дијалог“ од Скопје и истата година влегува во најтесниот избор за наградата на Утрински весник — Роман на годината.
Романот е дел од нововостановената едиција „Идеалисти“ на издавачката дејност на НОВ ВАВИЛОН, која ќе публикува дела со филозофско-мистична содржина на десетина прозаисти и поети од државата во периодот што следува.
Рецензент на романот е писателот Никола Илијовски од Битола.
„Зад виножитото“ од нејзиниот потписник Елизабета Дончевска — Лушин, е авантуристички роман со елементи на фикција кои континуирано го пратат четивото во логична доследност со реалноста која романсиерката ни ја прикажува како заплет од минати времиња: сите како дел од соништата, односно претходните животи, односно минатото сфатено во една глобална рамка, на главниот протагонист во романот.
Овој роман може да се дефинира и како љубовен надреалистички роман каде љубовта ја има моќта да го видоизменува времето, каде љубовта и само таа е носечката сила на сѐ што било и ќе биде. И конечно „Зад виножитото“ е роман за апсолутната моќ на еросот, субјективната вистина и силата на желбите како причина да се живее апсолутно од онаа и другата страна на постоењето, односно да се изигра нашето поимање на светот каков што сега го знаеме, информираат од издавачката куќа.
Промоцијата на романот се најавува за летниот период во Струмица(каде живее и работи авторката).
Во рецензијата на писателот Илијовски стои: „Приказната што ни ја подарува Е. Д. Лушин е нешто што секој од нас потајно би посакал да го доживее. Затоа што е повеќе од приказна, затоа што е идеја што победува и обединува. Во романескното дејствие на овој роман протагонистот Марија ќе има прилика да ги запознае своите предци неколку генерации наназад, но и одново да ја доживее својата младост. Каков триумф! Дали има нешто повозвишено, да се фрли око во минатото од прва рака, да се биде директен учесник, да се патува назад низ времето! Во голема мера она што во овој роман се доживува, соодветствува на ефектот што може да го има сонот врз човекот, а дотолку е и реалистично и нѐ тера да поверуваме дека е возможно и индиректно посакуваме да сме дел од истото.
Зад виножитото е и роман за младоста и безвремената љубов. Во себе содржи уникатна порака и идеја која го дефинира животниот пат кој едноставно мора да се изоди и издржи. Без разлика на измислената фабула, која може да се толкува и како автобиографска, овој роман е за сите оние кои сонуваат и не дозволуваат да биде заборавено нивното минато.“
Елизабета Дончевска — Лушин е родена во Струмица, 1967 година. Завршила Филозофски факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ — Скопје. Живее и работи во Струмица како училишен педагог. Автор е на книгата поезија „Невидливи облици“ (2019 г.)
Редакција на НОВ ВАВИЛОН, Битола