Излезе од печат книгата хаику поезија „БАЛКАНСКО ХАИКУ-ХАРИКИРИ“ од д-р Александар С. Трајковски

Во издание на Здружението за книжевен развој НОВ ВАВИЛОН од Битола излезе од печат книгата хаику поезија „БАЛКАНСКО ХАИКУ-ХАРИКИРИ“ од д-р Александар С. Трајковски од Битола.

Станува збор за кратки поетски форми, односно хаику поезија, каде што хаику мајсторот го обработува балканскиот самоубиствен менталитет на народот, па токму затоа во насловот е содржан и зборот „харикири“, кој на јапонски значи достоинствено самоубиство за кое што се користи посебен вид на меч наречен катана.

„Ова е краток, но доста интересен ракопис, каде што поетот ,боцка’ директно во сржта на балканската, македонската психолошка наезда. Од само едно кратко ѕирнување помеѓу кориците на оваа книга, ни станува јасно каде и како живееме, какви се навиките на народот на ова поднебје, како и длабоката психолошка нарав кон самопропаст, но и наштетувајќи му и издавајќи го најблискиот.“ — ќе напише поетесата Соња Змејкоска Илијовска

Во некои од своите хаикуа д-р Александар пишува:

„Распнување -

пеперутката се дави во пајажина

со бои црвеникави

Гозба есенска -

птиците ненаситни во лет

ги собраа лозјата преостанати

Гостин -

сенката верно ме дружеше

на ѕидот полураспаднат

Но, во книгата има и доста од ведрата и шеговита, како и апстрактна страна на поетот, каде што знае навидум наивно да си поигра со малите секојдневни случувања:

Куќа напуштена -

занатот на пајакот

палати и рајски замоци гради

Развигорец љубопитен -

се заврел под фустанот

на девојката разиграна

Сијалица улична -

на темнината црна

не ѝ даваше мира

За оваа хаику поезија може да се каже дека измрдува, односно ги крши правилата на оригиналното јапонско хаику, во кое редоследот е 5–8–5, односно се состои од 3 стихови и 17 слогови, па ја добива придавката „балканско“, која во целост соодветствува на содржината од оваа книга.

Делото, поделено во два поетски циклуси, е длабоко емотивно, добро осмислено и напишано на разигран, но зајадлив стил, каде што јасно се наѕира намерата на поетот „да го размрда мирот во душата на читателот“, бидејќи неминовно, секој би се пронашол барем во едно од неговите хаикуа.

Книгата може да се нарача преку facebook страната на издавачката куќа НОВ ВАВИЛОН, Битола на следниот линк:

https://bit.ly/3oLd66R

Редакција

НОВ ВАВИЛОН, Битола

Здружение за книжевен развој Нов Вавилон
Здружение за книжевен развој Нов Вавилон

Written by Здружение за книжевен развој Нов Вавилон

Остварување на книжевни проекти поврзани со издавачката дејност.

No responses yet